Burcu Çalık Göçümlü
04 Февруари 2022•Ажурирај: 05 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека во текот на вчерашната посета во Киев, на претседателот на Украина, Владимир Зеленски, му соопштил дека Турција е спремна да биде домаќин на Самитот на ниво на лидери или разговори на техничко ниво со цел решавање на кризата помеѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сакаме да го одржиме овој состанок за на високо ниво да ги собереме рускиот претседател Владимир Путин и [украинскиот претседател] Зеленски. Се договоривме со господинот Зеленски за тоа“, рече Ердоган во разговорот со новинарите во авионот, на враќање од посетата на Украина.
Порача дека е подготвен да биде посредник за да се реши кризата помеѓу Русија и Украина.
„На почитуваниот Зеленски му реков дека сме подготвени да придонесеме за намалување на тензиите. Одговори дека ќе дојде штом го повикаме на состанок. Доколку по состанокот со Путин ја имаме улогата на посредник, ќе ја прифатиме работата и ќе направиме сѐ за да ја исполниме нашата должност“, изјави Ердоган.
Истакна дека западните земји досега не дале значаен придонес во отстранувањето на тензиите помеѓу Русија и Украина.
„Западот, за жал, во изнаоѓањето решение за ова прашање досега не понуди нешто што се вика придонес. Можам да кажам дека го прави сосема спротивното“, рече турскиот претседател.
Тој наведе дека ни Европа не нуди некое решение.
„Бидејќи во овој момент во Европа постои сериозен проблем во смисла на решавање на тој проблем. Претходно беше Ангела Меркел и таа навистина можеше да го има клучот за решение на проблемот. По неа, таков лидер моментално нема“, истакна Ердоган.
Напомена дека е најважно да се сочува мирот.
„Светот ги следи случувањата во Донбас и пограничниот регион на Русија и Украина. Се надевам дека регионот нема да биде лишен од мир“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на економските односи со Украина, напоменувајќи дека трговската размена помеѓу Турција и Украина достигнала 7,5 милијарди долари во 2021 година.
„Сега целта е 10 милијарди долари. Се надевам дека ќе можеме да ја достигнеме оваа цел. Исто така, со Украина потпишавме осум договори за соработка“, истакна Ердоган.