Sibel Kurtoğlu
23 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ги повика европските лидери да постапат разумно и да ѝ дадат полноправно членство на Турција во ЕУ, а таа за возврат ќе му помогне на блокот да ги надмине проблемите, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во обраќањето на програмата по повод 14-годишнината од смртта на првиот претседател на Република БиХ, Алија Изетбеговиќ, остро ги критикуваше земјите-членки на ЕУ.
„Европа умре во Босна, а погребана е во Сирија. Мртвите тела на невините деца на морските брегови се надгробни споменици на западната цивилизација. За жал, во последните седум години, европските вредности ги срушија нивните носители, уништувајќи ги една по една“, рече Ердоган.
Тој потсети на ставот на западните држави кон Босна за време на војната во 1995 година.
„Човековите права, демократијата, националната волја и слободата се сметаше дека се премногу за Бошњаците. Денес тие се сметаат за луксуз за Сиријците, Палестинците и за Либијците. Иако угнетените и тираните се сменија, оние што го гледаа угнетувањето од страна не се сменија“, изјави Ердоган.
За вознемирувањето на турските патници на австрискиот аеродром „Швехат“ на 13 октомври, тој рече: „Тие со кучиња вршат претрес на нашите граѓани што доаѓаат од запад кон Турција. Како може да се случи таков срам?“
Тој ги повика европските лидери да постапат со здрав разум во односите со Турција.
„Растечката ксенофобија нема да биде од корист за никого. Сонувањето за моќ преку Исламофобијата нема да донесе никого никаде“.
„Европа без Турција ќе достигне само осаменост, безнадежност и внатрешни конфликти. На Турција не ѝ е потребна Европа. Европа е таа на која ѝ е потребна Турција. Иако не сакаат да го видат тоа, Турција и нејзиното полноправно членство се лек за нивните хронични проблеми“, истакна турскиот претседател.
Турција аплицираше за членство во Европската Унија (ЕУ) во 1987 година. Пристапните разговори започнаа во 2005 година.
За добивање членство, Турција мора успешно да ги заврши преговорите со ЕУ во 35 поглавја, кои вклучуваат реформи и усвојување на европските стандарди.