Faruk Zorlu
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател денеска го обвини Западот, особено САД дека се обидуваат да ги отежнат работите за Турција пред локалните избори в недела, пренесува Anadolu Agency (AA)
„Флуктуациите на девизниот курс се операција од Западот, особено од САД, со цел да ја стават Турција во непријатна ситуација“, изјави Ердоган во телевизиско интервју.
„Таквите обиди на манипулација со девизниот курс претставуваат политичко наметнување пред локалните избори“, додаде тој.
Девизниот курс на американскиот долар/турска лира беше под 5,60 до 15:00 часот денеска по локално време (1200GMT), додека девизниот курс достигнуваше 5,70 во текот на изминатите неколку дена.
Речиси до вчера американскиот долар/турската лира беа околу 5,40 на девизниот пазар, односно, од почетокот на оваа година еден долар се разменуваше за 5,38 турски лири.
Исто така, зборувајќи за Голанската Висорамнина, Ердоган изјави дека не е можно Советот за безбедност на ОН и Генералното собрание да ја прифатат одлуката на Трамп за признавање на израелскиот суверенитет врз Голанската Висорамнина.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот го потпиша претседателскиот декрет со кој САД официјално го признаваат израелскиот суверенитет врз Голанската Висорамнина.
Израел продолжува да окупира околу две третини од поширокиот регион на Голанската Висорамнина како директен резултат на конфликтот.
Во 1981 година Израел официјално ја анектираше територијата во еден потег, едногласно отфрлен во тоа време од Советот за безбедност на ОН.
Обединетите нации (ОН) соопштија дека правниот статус на Голанската Висорамнина ќе остане непроменет - и покрај најавата на Трамп - и дека според меѓународниот закон, таа сé уште се смета за „окупирана територија“.
Во меѓувреме, ЕУ, исто така, го повтори својот став за статусот на Голанската Висорамнина.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, вчера истакна дека ставот на Европската Унија (ЕУ) за статусот на Голанската Висорамнина останува непроменет - и покрај потегот на Соединетите Американски Држави (САД) за признавање на израелскиот суверенитет над окупираната територија
„За жал, земјите од Заливот не покажуваат цврст став за кризата во Голанската Висорамнина“, упати критики Ердоган, барајќи од нив да го кренат својот глас.