Sinan Uslu
22 Јуни 2018•Ажурирај: 22 Јуни 2018
ГАЗИАНТЕП (АА) - Турскиот претседател и претседател на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), Реџеп Таип Ердоган, во обраќање на митинг во Газиантеп изјави дека бројот на Сиријците кои се вратиле во својата земја достигнал до 200.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна и дека граѓаните на Газиантеп со своето гостопримство јасно покажале дека придаваат големо значење на вредностите како што се братство, слога и соживот.
„Кога нашите браќа од Сирија пристигнаа во нашата земја за да спасат животи, меѓу првите градови кои им излегоа во пресрет беше и Газиантеп“, изјави турскиот претседател.
Тој се осврна и на операцијата која турските сили ја спроведуваат во соседен Ирак и Сирија.
„Почнавме од Џарабулус, па до Ал-Баб, а подоцна стигнавме и во Африн. Сега го чистиме Мунбиџ. Во Сирија полека воспоставуваме безбедност за нашите сириски браќа да можат да се вратат во своите домови”, изјави Ердоган.
Тој потсети дека Турција неодамна постигнала договор со Америка за да воспостават безбедност и во Мунбиџ кој исто така наскоро очекува враќање на Сиријците.
„Стабилноста на Сирија зависи од тоа колку е силна Турција. Во спротивен случај, тие би ја урнисале Сирија. Освен тоа, со терористичката држава која би ја формирале на нашите граници, би не вознемирувале константно“, изјави Ердоган.
На крајот истакна дека по изборите Турција ќе помогне да се воспостави безбедност на сите подрачја во Сирија за сите сириски бегалци од Турција да се вратат во својата татковина.
„Имаме цел веднаш по изборите да помогнеме во воспоставување на безбедност на подрачјата во близина на нашите граници како и на сите други подрачја во Сирија, за сите гости кои ги примивме да се вратат во татковината“, изјави Ердоган.
Потсетуваме, во Турција на 24 јуни ќе бидат одржани претседателски и парламентарни избори.