Salih Baran,Cihan Demirci
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
ЕДРЕНЕ (АА) ‒ Десетици кримски Татари беа евакуирани од Украина од страна на Турција, додека војната во земјата беснее, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вкупно 75 кримски Татари, меѓу кои 21 жена и 42 деца, денеска влегоа во Турција преку граничниот премин „Капикуле“ со Бугарија.
Бегалците кои немаат каде да живеат, ќе бидат сместени од гувернерството на Едрене во одредени сместувачки капацитети.
Ова е втора група кримски Татари што пристигнуваа во Турција, по групата од 45 лица кои пристигнаа вчера.
Зарија Маја, мајка на четири деца, за АА изјави дека ситуацијата во Украина е ужасна, луѓето се принудени да живеат во засолништа за да се заштитат од бомбите.
„Голема маса луѓе бегаат од земјата, при што најмногу психолошки страдаат децата“, додаде таа.
Исмаил Рустем пак рече дека децата, жените и постарите избегале од земјата, додека мажите останале да се борат.
Пофалувајќи го турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Рустем истакна дека турскиот народ секогаш покажувал милост.
Војната на Русија против Украина наиде на остри критики од меѓународната заедница, при што ЕУ, Велика Британија и САД спроведоа низа економски санкции против Русија.
Русија беше дополнително изолирана откако на нејзините авиони им беше забрането да летаат во европскиот и канадскиот воздушен простор, а голем број руски банки беа исфрлени од меѓународниот банкарски систем СВИФТ.