Sarp Özer
22 Октомври 2020•Ажурирај: 25 Октомври 2020
АНКАРА
Турските вооружени сили (ТСК) ја спроведуваат воената вежба „Слободно гаѓање -2020“, која има за цел да го покаже оружјето и можностите со кои располагаат, а користени се и оружја од домашно производство, вклучувајќи ги и противтенковските системи ОМТАС и беспилотните летала „Каргу Камиказе“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На важната воена активност на полигонот на воениот комплекс во Полатли кај Анкара присуствуваше воениот врв на Турција, предводен од министерот за одбрана, Хулуси Акар и началникот на Генералштабот, Јашар Ѓулер.
Учествуваа вкупно 1.096 припадници на копнените, воздушните, поморските и специјалните единици на турската војска, а во основа се работи за показна и тестна вежба со која се јакне координацијата на дејствување меѓу воените табори.

Гаѓањето со максимален успех е извршено со вкупно 37 оружја од арсеналот на турската војска, меѓу кои се и четири кои неодамна влегоа во арсеналот и првпат се користат на вежби од тој тип.
Вежбата започна со оддавање почест на турските шехиди, како и со порака за поддршка на азербејџанската војска воја ја води операцијата на ослободување на Нагорно Карабах од тридецениската ерменска окупација.
Први на полигон излегоа пешадинците кои со успешно гаѓање ја покажаа прецизноста на турската национална пешадиска пушка, а потоа со ист успех настапија и снајперистите кои под слоганот „еден куршум, една цел“, ги гаѓаа блиските цели на оддалеченост од километар. Следуваше и гаѓање со автоматски пушки.
Во вториот дел од вежбата инженерските единици покажаа како се отвора премин низ минско поле, а потоа следуваше гаѓање со ракетни фрлачи, митралези монтирани на транспортери и фрлачи на гранати кои се производи на турската наменска индустрија.
Следуваше успешна показна вежба на тенкистите, а потоа и на противтенковскиот систем од среден домет ОМТАС. Токму ОМТАС привлече доста внимание бидејќи станува збор за оружен систем од домашно производство кој се покажа доста ефикасен во неутрализацијата на непријателските оклопни цели.

По противтенковските проектили, следуваше гаѓање на противвоздушниот систем за одбрана „Коркут“, кој исто така е производ на домашната воена индустрија.
Уште еден дебитант со максимални перформанси во вежбата беше и турското беспилотно летало „Каргу Камиказе“.
Хаубиците и минофрлачите исто така беа максимално успешни на вежбата на слободно гаѓање која е завршена со куршумите на „Фиртина“, турската самоодна хаубица која се смета за најдобро оружје од тој вид во светот.