Cihan Demirci
14 Јуни 2019•Ажурирај: 16 Јуни 2019
ЕДРЕНЕ
На една милја (1,6 километри) од пристаништето „Ибриџе“, во областа Едрене, потопен е патнички авион од типот „Airbus A330“, со цел давање придонес во развојот на нуркачкиот туризам, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-гувернерот на областа Едрене, Али Ујсал, во своето обраќање на церемонијата по повод потопувањето на авионот, рече дека од туристички аспект Сароскиот Залив претставува заспан титан.
Истакнувајќи дека Сароскиот Залив ќе стане центар за алтернативен туризам, заменик-гувернерот Ујсал продолжи со зборовите: „Од друг аспект пак, нуркачкиот туризам се наоѓа на едно друго ниво во однос на масовниот туризам. Приливот на средства по турист изнесува од 500 до 600 долари, меѓутоа кога станува збор за нуркачкиот туризам, не е фантазија доколку се зборува за прилив на средства од 2 до 3 илјади долари. Затоа сметаме дека потопениот авион и вештачките гребени се многу важни. Нека е со среќа.“

- „Историски ден“
Градоначалникот на градот Кешан, Мустафа Хелваџиоглу, истакна дека денешниот ден претставува историски ден за Сароскиот Залив.
За потопувањето на авионот во Сароскиот Залив, Хелваџиоглу рече: „Најголемиот авион во светот е потопен во Сароскиот Залив. Отсега натаму ја зголемуваме вредноста и на дното на Сароскиот Залив. Површината е рај, а отсега и дното на заливот е на пат да стане рај. Заедно ги спроведуваме овие активности со цел да му служиме на нуркачкиот туризам.“

- Ќе се користи за потребите на нуркачкиот туризам
По завршувањето на монтажата на телото на авионот претходниот ден, со воздушни перници авионот од типот „Airbus A330“ денес со брод е одвлечкан на една милја од крајбрежјето на пристаништето „Ибриџе“.
По пристигнувањето на саканата дестинација, тим од нуркачи започна контролирано да ги сече воздушните перници, со што постепено започна потопувањето на авионот. Се очекува џиновскиот авион, кој ќе биде потопен на длабочина од 30 метри, да биде еден од најинтересните точки во нуркачкиот туризам.
Голем број лица од море и копно го следеа потонувањето на авионот.
Авионот од типот „Airbus A330“ својот прв лет го изведе во 1995 година, а по последниот лет минатата година е повлечен од јавна употреба. Овој голем патнички авион со капацитет до 335 патници и товар до 70 тони, бил со домет од 5.950 до 13.430 километри, а од Анталија во Кешан е транспортиран во делови со 6 шлепери.
Претходно, во рамките на проектот за вештачки гребени, во Сароскиот Залив се потопени различни објекти и фигури со кои се претставуваат војните во Чанаккале.