Cemil Murat Budak,Serdar Açıl
04 Септември 2020•Ажурирај: 05 Септември 2020
АНКАРА
Турската полиција во Анкара спроведува две одвоени акции за приведување на лица осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, а од 33 лица со налог, од слобода се лишени 23, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во турските институции, Кабинетот на обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на вкупно шест осомничени.
Осомничените користеле тајни и паралелни системи за комуникација „БајЛок“, а полицијата од слобода лиши четири лица со налог. Во тек е потрагата по преостанатите две осомничени лица.
Паралелно со тоа, во рамките на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во Командата на копнените сили на турската војска, утринава исто така е наредено лишување од слобода на 27 осомничени, вклучувајќи и осуммина активни подофицери.
Налог за приведување издаде Кабинетот на обвинителството во Анкара кој таквата мерка ја изрече по собирањето докази дека се работи за лица кои се поврзани со терористичката организација ФЕТО.
Постапувајќи по налог, турската полиција започна акција и досега од слобода лиши 19 осомничени лица. Се трага по преостанатите осомничени лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.