Ata Ufuk Şeker
12 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
БРИСЕЛ (АА) – Во Брисел ќе се одржи состанок на високо ниво на претставници од Туркије и Европската Унија (ЕУ) на тема наука, истражување, технологија и иновации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Европската комисија соопшти дека средбата на високо ниво ќе се одржи на 15 ноември во Брисел.
Состанокот ќе се одржи во зградата на Европската комисија, а се очекува присуството на турскиот министер за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, и еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел.
На состанокот ќе се разговара за зеленото индустриско производство, обновливите извори на енергија, паметни градови, унапредување на соработката, дигитална револуција во индустријата и слично.
Во соопштението се истакнува дека Туркије од 2003 година е значаен партнер на ЕУ кога се во прашање програмите за истражувања и иновации.
Габриел по повод состанокот ќе биде домаќин и на работна вечера.
Се очекува турскиот министер Варанк да одржи состанок и со извршната потпретседателка на Европската комисија за Европа приспособена на дигиталната ера, Маргрете Вестагер.
Истиот ден, Варанк ќе го посети и тинк-тенкот IMEC, што работи на подрачјето на нанотехнологијата, и се наоѓа во градот Лувен.
Министерот ќе присуствува и на свеченото отворање на претставништвото и образовниот центар на турската Фондација Маариф, а ќе се состане и со претставници на невладиниот сектор и турската дијаспора.