Mehmet Şah Yılmaz
07 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
АНКАРА
Во турскиот главен град Анкара започна вториот круг политички консултации меѓу Турција и Египет, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот заменик-министер за надворешни работи, Седат Онал, и неговиот египетски колега, Хамди Санад Лоза, ги предводат своите делегации, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Истакнувајќи дека билатералните прашања биле разгледани во текот на првиот ден од разговорите, се очекува делегациите да разменат мислења за регионалните прашања на вториот ден од разговорите, во среда.
„Страните имаат за цел да ги унапредат и нормализираат односите врз основа на заемна корист“, се додава во соопштението.
На 5 мај, турската делегација предводена од заменик-министерот за надворешни работи Седат Онал го посети Каиро на покана од Египет. На крајот на посетата, двете земји објавија заедничка изјава во која прелиминарниот круг од билатералните разговори меѓу нив се опишуваат како „искрени и длабоки“.
И Каиро и Анкара покажаа позитивни знаци во последните месеци, вклучително и со изјавите на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, за можноста двете земји да преговараат за разграничување на нивните поморски граници во Источниот Медитеран.
На 7 мај, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави почеток на нова фаза во односите со Египет, нагласувајќи дека разговорите ќе продолжат, ќе се развиваат и прошируваат.
Односите меѓу Турција и Египет продолжуваат на ниво на вршител на должноста од 2013 година. Во овој период се одржаа кратки средби меѓу министрите за надворешни работи на двете земји во различни прилики.
Во меѓувреме, Турската амбасада во Каиро и Конзулатот во Александрија, како и Египетската амбасада во Анкара и Конзулатот во Истанбул, ги продолжија своите вообичаени активности.