АНКАРА (АА)
– Кемал КАРАДАГ
Министерот за правда на Туркије, Бекир Боздаг, во разговор за Агенција Анадолија (АА), по повод шестгодишнината од обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО, потсети дека во текот на обидот за пуч на 15 јули фрлени се бомби и на Големото народно собрание на Република Туркије во моменти додека се обраќал во Парламентот.
Во опсежен разговор Боздаг раскажа за сопствените искуства и изнесе голем број детали за текот на обидот за пуч на 15 јули 2016 година, а зборуваше и за одлучната борба на турскиот народ против терористичката организација ФЕТО
Што беше пресудно во спречувањето на обидот за пуч на ФЕТО? Што се случи таа ноќ и кој момент во таа ноќ беше одлучувачки?
Го молам Бога нашиот ценет народ и држава никогаш повеќе да не доживеат обид за пуч како што е 15 јули. По мое мислење, обидот за пуч од 15 јули има многу одлучувачки моменти. Најважниот момент сигурно е изјавата на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган што ѝ ја даде на новинарката Ханде Фират. Кога терористите на ФЕТО, кои го изведоа пучот, тргнаа да го елиминираат нашиот претседател, тој ја даде изјавата и се обрати повикувајќи го народот на плоштадите. Ги повика сите да излезат на плоштадите, да се борат против обидот за пуч на терористите на ФЕТО.
Тогаш изјави: „Нека дојдат со своите тенкови и артилерија, нека сторат што ќе сторат, но излезете и вие, бидејќи јас не признавам друга сила над силата на народот.“
Всушност, најважната изјава која го смени текот на пучот е повикот и одлучноста на нашиот претседател.
Второ, нашиот претседател, повикувајќи го народот на борба, и сам ризикуваше да биде убиен, бидејќи одлучи да лета од Мармарис за Истанбул, за да дојде меѓу народот и таму ја продолжи борбата, иако со тоа се изложи на смрт бидејќи терористите се обидоа да изведат пуч во воздушниот простор. Еден од најважните моменти е кога народот се одзва на овој повик и излезе на плоштадите, ги блокира патиштата, ги запре тенковите, легна пред тенковите, се бореше против авионите кои ја ширеа смртта низ воздухот, хеликоптерите, автоматското оружје и тенковите, по цена да ги положи своите животи како шехиди.
На многу места народот ги опколи воените објекти и војници, им ги блокира патиштата. Значи, турскиот народ го послуша повикот на нашиот претседател и не го дозволи тоа. Еден од пресвртните моменти е владиниот избор да се води борба. Таа ноќ, по нашите консултации по телефон со нашиот премиер Бинали Јилдирим, имавме состанок на кој одлучивме дека би било корисно тој да ѝ се обрати на јавноста за тоа дека Владата се бори, дека е на должност, дека нема да дојде до пуч и дека народот е повикан во оваа борба. Господин Јилдирим му се обрати на народот. Објасни дека се случи обид за пуч кој го извеле група војници без команден ланец, додавајќи дека Владата и понатаму ја извршува својата должност. Владата, членовите на Кабинетот, вклучувајќи го и премиерот и сите државни институции, одлучија да се борат заедно, што беше уште еден чекор кој го смени текот на настаните.
Големото национално собрание на Република Туркије ги продолжи своите активности под претседавање на г. Исмаил Кахраман во моменти додека луѓето лежеа под тенковите и им се спротивставуваа на куршумите на улиците. И покрај бомбите фрлени од два авиони, луѓето во државниот Парламент се спротивставија на обидот за пуч, изложувајќи се и самите на смртта.
И медиумите тој ден положија важен испит. Тие, исто така, заедно застанаа покрај Владата против обидот за државен удар. Затоа под лидерство на нашиот претседател пропадна овој обид за пуч. Народот се одзва на повикот на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган, да се бори против обидот за пуч на терористите меѓу војниците кои ѝ припаѓаа на терористичката организација ФЕТО. Еден од клучните моменти е токму овој став на народот и водачот на народот. Алах на овој народ му помогна да остане обединет во овие тешки моменти, а ние секогаш успевавме да дејствуваме заедно во неволји и тешки моменти.
Бевте министер за правда во време на обидот за пуч. Се обраќавте пред Парламентот во тие моменти. Дали во некој момент почувствувавте страв?
Цел беше Парламентот, цел беше Владата. Како членови на Владата сметавме дека за нас би било подобро да ја водиме оваа борба. Одлучивме прво да се обратиме од говорницата во Парламентот. Во Големото народно собрание барав да зборувам во име на Владата. Додека се обраќав, експлодира бомба. Силна експлозија, лустерите се затресоа. Сфативме дека бомбата паднала многу близу, а подоцна увидовме дека паднала во дворот. Јас тогаш бев на говорницата и помислив дека седницата не треба да се прекинува и на претседавачот му реков: „Немојте да ја прекинувате седницата. Доколку ја прекинете, народот ќе си рече дека Парламентот се исплашил и нема да остане на плоштадите. Ве молам, немојте да ја прекинувате седницата, Парламентот ќе продолжи со работа.“ Претседавачот одлучи дека Парламентот треба да продолжи со работа. Тогаш повторно се вратив на говорницата и додека зборував, падна и втората бомба. Подоцна видовме дека бомбата паднала на 10-15 метри од зградата на Парламентот. Таа ноќ, додека народот на улиците се бореше против обидот за пуч изложувајќи се на смрт, претставниците на народот, исто така, се бореа во Парламентот, ризикувајќи ги своите животи. Сите во тој момент во Парламентот беа подготвени да загинат. Затоа борбата таму и борбата на улиците се многу важни борби. Додека терористите меѓу војниците кои се обидуваа да извршат пуч веруваа дека ќе успеат, таа ноќ ги излудуваше фактот дека Парламентот работеше, како и одлучноста на претседателот и неговиот лет за Истанбул. Мислиме дека тие посебно го бомбардираа Парламентот. Ги фрлија тие бомби за да го уништат, замолчат и урнат Парламентот, заедно со луѓето во зградата. Она што непријателот не се осмели да го стори во воените години, се осмелија да го сторат овие терористички никаквеци. Фрлија бомба во срцето на народот. Со Божја милост, не успеаја.
Како се чувствувавте во тие моменти додека држевте говор во Парламентот?
Таа ноќ животот пред нашите очи се одвиваше како на филмска лента. Тоа ни даде можност чесно да им служиме на нашата нација и држава. Мислејќи дека тоа ќе биде нашата последна ноќ, зедов абдест и бев подготвен да го положам својот живот како шехид. Таа ноќ, ниту во еден момент, не почувствував ниту најмал страв. Како што реков во Парламентот, „Не можете да влезете во оваа зграда, додека не ги згазите нашите тела. Нема да можете да го заземете Парламентот.“ Одлучив да се борам против овие никаквеци до крај, баш како нашиот народ, како Сабри кој легна под тенк, како многу наши граѓани кои ги ризикуваа своите животи, како нашите шехиди и ветерани. Таа ноќ ги отфрливме нашите стравови и заедно со нашиот народ постигнавме голема победа која ѝ пркоси на светот.
Како правосудството постапи во обидот за државен удар? Што мислите, која беше улогата на правосудството во спречувањето на државниот удар?
Сѐ до денес, во секој државен удар, во секој обид за државен удар, правосудството секогаш било меѓу првите кои им биле послушни. Всушност, правосудството им даваше правни упати на оние кои извршуваа државен удар или се обиделе да изведат државен удар. За првпат во Туркије, која доживеа повеќе државни удари и обиди за пуч, турското правосудство застана покрај демократијата, Владата, претседателот, Парламентот, Уставот и народот против обидот за пуч. Правосудството не им даде лојалност на пучистите на ФЕТО, кои се обидоа да изведат пуч, туку им се спротивстави. Таа ноќ правосудните органи ги отворија судниците против обидот за државен удар и донесоа историски одлуки за приведувања, притвор и водење судски процеси. Покажаа големо херојство. Денешното демократско опкружување му го должиме на нашиот ценет народ, нашиот претседател, Парламентот, Владата и нашето правосудство. Уште еднаш им се заблагодарувам за тоа.
Изминаа 6 години од обидот на ФЕТО за државен удар. Како би ја оцениле борбата против ЕТО? Колкав е бројот на уапсени, спроведени истраги и кривични гонења?
Туркије продолжува ефикасна, силна и одлучна борба против ФЕТО. Во оваа борба постигнати се значајни резултати. Борбата против ФЕТО, ПКК и други терористички организации сѐ уште не е завршена. Оваа борба ќе продолжи сѐ додека не биде искоренет и неутрализиран и последниот терорист. Никој од нашите граѓани не треба да се грижи за тоа прашање. Може да се каже дека од должност се разрешени поголемиот број терористи поврзани со ФЕТО, кои биле инфилтрирани во државните структури, правосудството на државата, војската, безбедносните установи и во многу други структури. Во овој момент исчезна нивната способност да спроведуваат организирани активности внатре во државата. Оваа наша борба, сепак, сѐ уште не е завршена и продолжува.
Гледаме, исто така, дека досега се одржани голем број судски процеси. Досега се осудени 117.208 лица. Ослободени се 87.519 луѓе. Против голем број луѓе беа водени судски постапки, а потоа е донесена одлука да не им се суди. Во моментов во затворите се наоѓаат 19.300 притвореници и осуденици поврзани со ФЕТО/ПДЈ. Вкупно 29.455 члена на ФЕТО/ПДЈ сѐ уште не се фатени, иако за нив постои налог за приведување. Судската постапка против нив продолжува. Досега 1.634 лица се осудени на тешка казна доживотен затвор, а 1.366 лица се осудени на доживотна казна затвор.
По обидот за државен удар, голем број членови на терористичката организација избегаа во странство. Од неколку држави досега е побарана екстрадиција на пребегнатите членови на ФЕТО. Колкав е бројот на екстрадиции и депортации?
Побаравме екстрадиција на 1.133 лица од 110 држави. До денеска прифатени се три барања за екстрадиција – две од Унгарија и едно од Алжир. Покрај тоа, според податоците кои ги добиваме од нашето Министерство за надворешни работи, постојат оние кои ги бараме и кои ги депортираат други држави. Кога ќе ја погледнеме таа бројка, гледаме 121 лице, поврзани со ФЕТО, досега депортирани од други земји. Всушност, 124 лица се доведени во Туркије, од кои 121 се депортирани, а тројца се испорачани по нашите барања за екстрадиција. Правниот процес секако продолжува. Сите барања за екстрадиција кои ги упативме како до САД, така и до другите држави, се легални, содржат повеќе од потребните докази и се во согласност со меѓународните и билатералните договори меѓу државите. За жал, некои држави не одговорија на нашите барања за екстрадиција за ова прашање, иако досиејата содржат повеќе од доволно конкретни докази. Не се откажавме од нашите стремежи и барања. Туркије е во право и тужбата која е оправдана никогаш нема да запре. Ќе ја продолжиме нашата праведна борба до крај.
Министерството за правда четири дена по обидот за државен удар од САД побара екстрадиција на лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, но до денеска не стигна никаков позитивен или негативен одговор. Зошто САД се глуви на ова барање на Туркије? Може ли да се направи некој нов чекор во тој поглед?
Туркије повеќепати бараше екстрадиција на лидерот на терористите, Ѓулен од САД. Не одговорија позитивно на нашите барања за екстрадиција. Во текот на мојата посета им реков: „Постојат повеќе од доволно докази во досието. Ве молиме да ги исполните нашите барања за екстрадиција.“ Тогаш ни рекоа: „Ако ги пратиме на суд, пресудата ќе биде против вас, па не сакаме да ги праќаме.“ Божем тие мислеле на нас. На нивниот министер за правда им го реков следното: „Веруваме во доказите во досието. Ви го праќаме нашето барање до американските правосудни органи, нека одлучат тие како ќе одлучат. Ние ќе водиме правна борба против таа одлука, вие само испратете го досието.“ Не го пратија. Нашиот претседател тоа прашање јасно го изнесе за време на мандатот на Барак Обама, на состаноците со тогашниот потпретседател, денес актуелен претседател Џо Бајден, и при средбите со поранешниот претседател Доналд Трамп. Јас, исто така, за таа цел двапати патував во САД. Досега не добивме позитивен одговор. Како што САД отворено го штитат ПКК, така отворено го штитат и ФЕТО. Не е тоа некоја тајна, тоа е многу отворена и јасна ситуација. Доколку кажат дека нѐ штитат, тогаш неиспорачувањето на некого во Туркије чие досие е полно со конкретни докази, некој чија рака е вмешана во пролевањето на крвта на 251 лице, некој кој се обиде и го предводеше обидот за државен удар, само им штети на пријателските односи меѓу Туркије и САД.
Од една страна, заедно сме со САД и во НАТО и во многу меѓународни организации, а интересите на Туркије и САД бараат заедничко дејствување за многу прашања, но за жал, не одговорија позитивно на оправданите барања на Туркије за ова прашање. Гледаме дека повеќе сакаат да го штитат ФЕТО отколку да ги исполнат барањата на Туркије. Се надеваме дека ќе ги преиспитаат овие одлуки и отсега па натаму, позитивно ќе одговораат на оправданото барање на Туркије и ќе дејствуваат во согласност со интересите на двете земји.
news_share_descriptionsubscription_contact
