Mehmet Yusuf Melikoğlu
06 Ноември 2023•Ажурирај: 06 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - За „палестинскиот проблем“ се разговара со години, но вистински проблем е „израелското прашање“, порача директорот за комуникации при Претседателството на Туркије, Фахретин Алтун, јавува Анадолу.
„Денес сме тука за да го кажеме вистинското име на овој проблем пред светот, кој со години се нарекува 'палестинско прашање'. Називот на овој проблем е 'израелското прашање'“, рече Алтун на Фестивалот за хуманитарен филм на TRT World Citizen во Истанбул.
Тој додаде дека „не само Блискиот Исток, не само нашиот регион, туку и целиот свет се соочува со ова прашање“.
„Сè додека се игнорира израелскиот проблем, оваа историски растечка криза ќе продолжи да ескалира и понатаму да му се заканува на човештвото“, рече Алтун.
Во врска со бројките и статистиката што ги споделуваат меѓународните организации, тој рече: „Она што нè поттикнува да се справиме со хуманитарните кризи не е само редуцирањето на трагедиите со статистика или категоризирање, туку капацитетот за емпатија со страдањата и животот на секој засегнат поединец.“
Тој додаде дека Туркије е една од првите земји што презеде одговорност и испрати помош во регионот со конкретни понуди, како што е преземањето на улогата на гарант за прекин на огнот.
Додека западните земји се обидуваат да ги легитимизираат нападите на Израел, кој очигледно „изврши воени злосторства“, Туркије застана против систематското угнетување што го спроведува Израел во Газа и другите делови на Палестина.
„Со единството на државата и нацијата, Туркије е против оваа опресија и стои покрај угнетените“, рече тој, додавајќи дека Туркије секогаш му дава приоритет на хуманитарниот пристап во решавањето на глобалните и регионалните проблеми и во одржувањето на дипломатските канали отворени.
Алтун истакна дека Фестивалот за хуманитарен филм TRT World Citizen има уникатна можност да фрли светлина на глобалните проблеми и хуманитарните кризи преку објективот на кинематографијата.
Тој го заврши својот говор изразувајќи надеж дека фестивалот, како иницијатива, ќе придонесе за глобалниот мир, просперитет, правда и стабилност и ќе ги собере на едно место креаторите на филмови и раскажувачите на настани за да го зголеми своето влијание во решавањето на најитните хуманитарни прашања во светот.
Минатата недела израелската војска ги прошири своите воздушни и копнени напади врз Појасот Газа, кој е под немилосрдно бомбардирање откако палестинската група на отпорот Хамас започна ненадејна офанзива на 7 октомври.
Бројот на загинати Палестинци во израелските бомбардирања врз Појасот Газа се искачи на 9.770, соопшти вчера Министерството за здравство во блокираната енклава.