Sarp Özer
18 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
АНКАРА
Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, зборувајќи за напнатоста на источниот дел на Средоземното Море, порача дека францускиот претседател Емануел Макрон додава масло на огнот, отежнувајќи го така решавањето на проблемот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Акар за британската телевизија „Чајнал 4“ (Channel 4) зборуваше за актуелните случувања, меѓу останатото и за напнатоста на Источниот Медитеран.
Тој ги прокоментира изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон против Турција и порача дека Турција се залага за мир и дијалог и дека вложува напори на тој план.
„Макрон трча по одредени цели за да ги прикрие сопствените проблеми. Доаѓа од оддалеченост од илјада километри, со цел за себе да пронајде улога на Источниот Медитеран. Тоа не е правилно. Ние ги штитиме нашите права и рековме дека сме подготвени на дијалог со нашиот сосед Грција, тоа ќе го истакнуваме и понатаму“, изјави Акар.
Тој нагласи дека, од друга страна, упорното споменување на санкции претставува заканувачки јазик и нема никаква цел, и освен понатамошно ширење на напнатоста, не придонесува за решение.
„ЕУ не одредува и не ги менува правилата на Источниот Медитеран, ниту е овластена да одредува граници. Тоа мора да се знае и види. Тука мораме да ги почитуваме сите правила на универзалниот закон, а не да се движиме кон сопственото мислење. Макрон додава масло на огнот, отежнувајќи го решавањето на проблемот. Макрон е тој кој сонува. Се обидува да ја преземе улогата на Наполеон, кој почина пред два века, но сите сведочиме на тоа дека тој не е во состојба за тоа“, порача Акар.
Тој наведе дека Турција на Медитеранот има брег од околу 2.000 километри и дека Грција вооружила некои острови во Егејот кршејќи го меѓународното право.
„Доколку тоа не е кршење на меѓународното право и меѓународните договори, што е тогаш? Доколку тоа не е закана за нас, што е тогаш? Што е тоа, ако не удар на добрососедските односи? Пред сето тоа се затвораат очите, а нашите соседи Грци на многу егоистичен начин зборуваат за нивните права. Нивниот став е по ниту една цена да не ги признаваат нашите права. Такво нешто е невозможно“, порача Акар.
Говорејќи и за преговорите во НАТО, Акар порача: „Нашите соседи Грци не се подготвени и ги забавуваат тие прашања со некои предуслови. Ги поддржуваме состаноците до крај.“