Özcan Yıldırım
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
АНКАРА (AA) - Адвокатската комора на Турција (ТББ), преку писмото кое нејзиниот претседател Метин Фејзиоглу им го упати на американските колеги, ги осуди американските санкции наметнати на двајцата турски министри, јавува Anadolu Agency (AA).
„Таквото однесување значи пристап со кој јасно се говори дека не се признава владеењето на правото“, порачано е во писмото.
Фејзионглу остро го критикуваше наметнувањето санкции на турските министри, а писмото е упатено на американската, но и на сите адвокатски комори на земјите членки на Советот на Европа.
„Неприфатливи се заканите и санкциите од САД кон нашата земја, со цел да биде ослободен еден нивни државјанин“, се наведува во писмото.
Фејзиоглу порача дека со „ваквото однесување САД го кршат меѓународното право и директно се мешаат во работата на правосудството на една суверена држава“.
„Таквото однесување означува пристап со кој јасно се говори дека не се признава владеењето на правото, туку дека е мерило оној подоминантниот во одредениот момент. Меѓутоа, во суштина подоминантен е оној кој не се оддалечува од правдата и не посегнува по примена на сила. Некои од американските функционери навистина се однесуваат како луѓе со чекан, кои во секој проблем со кој се соочуваат, гледаат клинец“, појасни Фејзиоглу.
Тој порача дека никој не треба ниту најмалку да се сомнева во работата на турското правосудство.
„Турција и САД се сојузници. Овој сојуз не е важен само за овие две земји, туку и за целиот свет. Веруваме дека новонастанатата криза ќе биде решена во духот на сојузништвото и здравиот разум. Нашата доверба во нашиот правосуден систем е потполна“, порача Фејзиоглу.
Министерството за надворешни работи на Република Турција синоќа упати остар протест на санкциите што ги објави Министерството за трезор на САД.
Истакнувајќи дека американската одлука за санкции претставува дрско мешање во турскиот правосуден систем, во соопштението на турското Министерство се вели дека таквата одлука е спротивна на суштината на билатералните односи и како таква, без сомнение ќе ги загрози конструктивните напори во правец на решавање на проблемите меѓу двете земји.
„Ја повикуваме администрацијата на САД да се откаже од погрешната одлука. Без одложување ќе одговориме со иста мерка на агресивниот пристап на САД, кој не придонесува за ништо“, се наведува во соопштението од Анкара.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјави дека САД ќе воведат санкции кон турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул и министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу. Како повод за санкциите го наведе тоа што американскиот свештеник Ендрју Брансон сѐ уште не е пуштен на слобода поради судскиот процес што против него се води во Турција.
Ендрју Крејг Брансон е приведен на 9 декември 2016 година и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за дејствување и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО. Му се заканува затворска казна во времетраење од 35 години.
На барање на Обвинителството, Судот во Измир на 18 јули му изрече притвор за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми, таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението што го подигна Обвинителството во Измир се наведува дека Брансон контактирал со членови на теористичката организација ФЕТО.