Aylin Sırıklı
28 Ноември 2016•Ажурирај: 29 Ноември 2016
АНКАРА (А) - Заменикот премиер и портпарол на Владата на Турција, Нуман Куртулмуш, денес во Анкара изјави дека Турција не сака нејзините односи со Европската Унија да тргнат во негативна насока, но истовремено сака да порача оти во таков случај, Европската Унија би имала повеќе штета и последици од самата Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Јасно е дека Европскиот парламент е под влијание на антитурската, антимигрантска и антиисламска политика на радикалната десница. Неодамнешната порака на таа институција за запирање на преговорите со Турција е одлука којашто првенствено треба да ја сфатат и да ја препознаат европските политичари и лидери. Таа има карактер на аларм на политичкото поле на Европа“, рече Куртулмуш во денешната изјава пред новинарите, на паузата од седницата на турската Влада.
Турскиот вицепремиер исто така рече дека од исклучително и клучно значење е политичката иднина на Европа и во таа насока, лидерите на Европската Унија на следниот состанок треба да донесат спротивна одлука, одлука за поддршка на Турција, со која ќе ја покажат одлучноста за соработка и позитивниот став кон Турција.
Коментирајќи ги неодамнешните воздушни напади врз турските воени сили во антитерористичката офанзива „Штитот на Еуфрат“, во северниот дел од Сирија, Куртулмуш рече: „Русија, лично преку претседателот на Русија, почитуваниот Путин, отворено кажа дека авионите што го извршиле нападот не се дел од руската воздухопловна флота. Постојат снимки за сите воздухопловни летала во подрачјето и за сите движења во него, било тоа да се авиони или беспилотни летала. Откако ќе бидат утврдени информациите во врска со нападот и идентитетот на леталото, ќе бидат преземени потребните чекори“.
На прашањето на новинарите во врска со процесот за изработката на нацрт-уставните реформи во Турција, вицепремиерот Куртулмуш рече дека тој процес е во тек и дека владејачката Партија за правда и развој (АК партија) очекува официјална изјава од страна на опозициската Партија за национално движење (МХП) околу предлозите за реформи. Тој додаде дека во тек се техничките преговори на политичките партии, кои претходат на преговорите на политичките лидери и конечната парламентарна процедура.
„Се надеваме, а тоа го потврдува и развојот на настаните, дека на крајот, во Парламентот ќе имаме повеќе од 330 гласови за усвојување на уставните реформи“, рече вицепремиерот Куртулмуш.
Осврнувајќи се на вонредната состојба во Турција, која е прогласена поради обемната борба против тероризмот и истрагата во врска со неуспешниот обид за државен удар во јули, вицепемиерот и портпаролот на турската влада, Куртулмуш, рече дека таа состојба ќе биде на сила сѐ додека за тоа има потреба, но истакна дека таквата состојба не ги загрозува секојдневните обврски и животот на граѓаните, туку дека се однесува исклучиво на ефикасната работа на институциите.
„Сите ние се надеваме дека таа вонредна состојба ќе заврши колку што е можно порано и ќе можеме да тргнеме во силен процес на нормализација на ситуацијата во Турција. Меѓутоа, оваа вонредна ситуација не ги загрозува животите на нашите граѓани, туку овоможува чистење на институциите и на државата од членовите на терористичката организација на Фетула (ФЕТО) и од други терористички организации“, изјави вицепремиерот и портпарол на Владата на Турција, Нуман Куртулмуш.