Ekipa
22 Април 2019•Ажурирај: 24 Април 2019
АНКАРА (АА) - Осум града во Турција се очекува да станат „паметни градови“ до 2025 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Паметните градови претставуваат нов пристап кон урбаното планирање, со цел поврзување на сè со помош на технологии кои генерираат податоци што се користат за подобрување на услугите и инфраструктурата во градовите а преку тоа и квалитетот на животот на жителите.
Мустафа Сијахан, инструктор на Универзитетот „Билкент“ во Анкара, за АА изјави дека овие осум града сè уште не спаѓаат во категоријата „паметни градови“, но во моментот може да се наречат одржливи градови.
Тоа се градовите Истанбул, Бурса, Анкара, Ескишехир, Измир, Денизли, Анталија и Адана.
Сијахан, кој пред пензионирањето бил дел од турското Министерство за култура и туризам, рече дека иако досега имало одреден напредок во однос на паметните градови, во моментов нема ниту еден град во Турција кој спаѓа во таа категорија.
Натпреварот за европски главен град на паметниот туризам е иницијатива која ги признава извонредните достигнувања на европските градови како туристички дестинации во четири категории: одржливост, пристапност, дигитализација и културно наследство и креативност.
Според овие категории, Сијахан изјави: „Турција има голем број културни богатства регистрирани во УНЕСКО. Но, кога станува збор за пристапност и обезбедување информации за нив, ја немаме потребната инфраструктура“.
Тој рече дека постои апликација наречена „Дигитален водич за патување“, која им нуди на туристите информации директно преку нивните мобилни телефони.
„Во тој случај, нема да ни бидат потребни туристички водичи повеќе“, изјави тој, додавајќи дека туристичките водичи и вработените во туристичките агенции треба да придонесат кон развојот на ваквите апликации.
Нагласувајќи ја важноста на соработката на властите и приватниот сектор во создавањето на паметните градови, Сијахан изјави дека властите треба да воспостават независен орган за секој град, кој ќе биде одговорен за создавањето на потребната инфраструктура.
Тој рече дека трансформацијата во паметен град во основа претставува одговорност на општините, бидејќи тие се всушност организација која е одговорна за обезбедување на сите јавни услуги во градот.
„Јас мислам дека доколку добро се испланира, пет години се доволни за да се развие таква инфраструктура, затоа што Турција веќе има развиено некои работи во дигитален формат“, додаде тој, велејќи дека Амстердам претставува пример, кој за 12 години ја извршил својата трансформација во паметен град.
„Доколку можеме да започнеме со Анкара, ќе следат и другите градови. Дефинитивно тие ќе пронајдат начин да се приклучат на останатите“, изјави Сијахан, додавајќи дека за тоа се клучни волјата и посветената работа.
Тој рече дека на сите градови треба да им биде приоритет да станат „паметни градови“, доколку сакаат да пречекуваат посетители, без разлика дали се домашни или странски.