Alaattin Doğru
17 Август 2022•Ажурирај: 19 Август 2022
АНКАРА (АА) – „Турк хавајолари“ е најголемиот победник, бидејќи глобалното воздухопловство и туризмот повторно зајакнуваат по наглото запирање предизвикано од пандемијата на Ковид-19, пишува француски финансиски весник, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турскиот авиопревозник стана првата меѓународна компанија која се врати на профитот во 2021 година, бидејќи европскиот воздушен сообраќај закрепна и е на пат за рекордна заработка во 2022 година“, се вели во извештајот објавен оваа недела од „Лос Ехос“.
Авиокомпанијата имаше нето-профит од 737 милиони долари до првата половина на 2022 година.
Само во јули, „Турк хавајолари“ превезе 7,8 милиони патници, 10 отсто повеќе од јули 2019 година, главниот месец на патување во последното лето пред пандемијата.
„Таа е најактивната традиционална авиокомпанија во Европа денес, со просечни 1.506 дневни летови во европскиот воздушен простор на почетокот на август, многу пред „Луфтханза“ (1.202) и „Ер Франс“ (1.065)“, се вели во извештајот, кој цитира податоци од Европската организација за безбедност на воздушната пловидба (Евроконтрол).
„Само буџетските авиопревозници ‘Рајанар’ и ‘ИзиЏет’ имаат повеќе летови од ‘Турк хавајолари’ во Европа“, се додава.
Аеродромот „Истанбул“, објект од светска класа отворен во најпознатиот град во Турција во 2018 година, има голема улога во успехот на компанијата, според извештајот.
„Само во првите седум месеци од 2022 година, аеродромот прими повеќе патници од целата бројка за 2019 година, додека неговите главни европски ривали сè уште заостануваат околу 10 отсто до 15 отсто зад нивното ниво пред пандемијата“, се вели во извештајот.
Во однос на меѓународниот сообраќај, Аеродромот „Истанбул“ беше пред лондонскиот „Хитроу“ и „Шарл де Гол“ во Париз во мај и јуни.
„Турк хавајолари“ се искачи за шест места на четвртото место на глобалното рангирање на воздушен транспорт, зголемувајќи ги своите услуги за 60 отсто, според „Лос Ехос“.
„Приходите на `Туркиш карго`, товарното крило на компанијата, се зголемија повеќе од двојно од 2019 година, достигнувајќи над 2 милијарди долари само во првата половина на 2022 година, оставајќи го зад себе `Ер Франс-КЛМ’“, се вели во извештајот.