Zafer Fatih Beyaz
26 Јануари 2023•Ажурирај: 27 Јануари 2023
АНКАРА (АА) – Советот за национална безбедност на Република Туркије соопшти дека провокативните потези и реторика на Грција само ги зголемуваат тензиите во регионот и порача дека Туркије нема да дозволи никака свршена работа насочена кон нејзината национална безбедност и интереси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претседаваше со седницата на Советот за национална безбедност на Туркије, а по седницата беше објавено и соопштение во кое се наведува дека се разгледани сите важни политички, воени и економски аспекти на случувањата во 2022 година и мерките и плановите за соочување со можните предизвици во 2023 година.
На Советот му се презентирани информации за одлучното и успешно спроведените операции против сите видови закани и опасности за националната безбедност, единството и опстанокот, особено заканите од терористичките организации ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ, ФЕТО и ДЕАШ. Напоменато е дека доколку има потреба, ќе бидат преземени дополнителни чекори во оваа борба.
На состанокот е утврдено дека терористичката организација ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ и нејзините поддржувачи претставуваат најголема пречка за мирот и просперитетот на сирискиот народ, и дека елиминацијата на терористичките организации и постигнувањето инклузивно и сеопфатно решение втемелено на територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија ќе го отвори патот за траен мир.
Советот за национална безбедност на Туркије соопшти дека земјата ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО.
„Од друга страна, нагласено е дека државите кои сакаат да влезат во НАТО-сојузот мора да дејствуваат во согласност со нормите и духот на сојузништвото, и дека мора веднаш со конкретни чекори да ги исполнат своите обврски кои произлегуваат од Меморандумот за разбирање за борба против терористичките организации, особено против ПКК/КЏК-ПЈД/ЈПГ и ФЕТО“, се наведува во соопштението.
Советот за национална безбедност на Туркије остро го осуди неодамнешниот инцидент и палењето на Куранот пред Турската амбасада во Стокхолм, главниот град на Шведска.
„Остро ги осудуваме грозоморните напади, кои се манифестација на антиисламскиот расизам и целат кон светите вредности на милијарди луѓе. Потсетуваме дека оние кои ги поткопуваат вредностите како што се слободата на религијата, совеста и мислата, и поттикнуваат и штитат дејствија што не можат да се објаснат со демократијата и слободата на изразување, се соучесници во ова злосторство од омраза кое не ги почитува човековите права“, се наведува во соопштението од Анкара.