Zeynep Rakipoğlu,Elif Küçük,Kaan Bozdoğan
20 Октомври 2022•Ажурирај: 23 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Потпретседателот на Република Туркије, Фуат Октај, денеска во Истанбул рече дека првиот турски автомобил ТОГГ ќе се тргне од производната лента и ќе биде пуштен во употреба до крајот на годината, јавува Агенција Анадолија (АА).
Октај зборуваше на Форумот за животна средина организиран од Агенција Анадолија во Истанбул, а една од темите на кои накратко се осврна беше ТОГГ, првиот автохтон турски автомобил кој ќе биде електричен.
„До крајот на оваа година ќе го исфрлиме од производната лента ТОГГ, првиот домашен електричен автомобил во Туркије и ќе го пуштиме во употреба“, рече Октај и продолжи:
„Го зголемуваме и бројот на нашите зелени пристаништа. Ние сме една од водечките земји во светот во борбата против дезертификацијата и ерозијата. Спроведовме тарифни гаранции и стимулативни програми за да го отвориме патот за инвестиции во зелена енергија.“
Турскиот потпретседател рече дека климатските промени се заеднички проблем кој бара заедничко решение.
„Сите земји мора заедно да преземат одговорност, бидејќи немаме друг свет. Ќе продолжиме да ја зајакнуваме политиката на нашата земја во борбата против климатските промени, а под водство на нашиот претседател ќе ги зајакнеме и секторските стратегии за иднината на нашиот заеднички дом, светот“, рече Октај.
Наведувајќи дека регионалните и глобалните случувања и шокови во светската економија ја засенуваат невидливата закана од климатските промени, Октај изрази уверување дека Форумот за животна средина на АА ќе создаде чувствителна свест во медиумите кога станува збор за климатската криза.
Тој додаде дека светот минува низ период полн со сериозни искушенија, од безбедноста на снабдувањето со енергија и храна до меѓународните тензии, во кои се променила рамнотежата на силите. Октај истакна дека проблемот со климатските промени, кои ја загрозуваат иднината на природниот екосистем, се додаваат на глобалните проблеми како што се прокси војни, тероризам, расизам и миграција.
Раководството на групацијата ТОГГ, основана во 2018 година, го претстави првиот прототип на електрично возило во Туркије во декември 2019 година. ТОГГ има за цел да произведе еден милион возила во пет различни категории до 2030 година. Во јануари, првиот турски автомобил ТОГГ беше изложен на најголемиот Саем за електроника во светот „Consumer Electronics Show“ (CES 2022) во Лас Вегас.
Раководството на ТОГГ објави дека концептот на првиот автохтон турски автомобил е лансиран за да се создаде глобален бренд чија интелектуална и индустриска сопственост припаѓа 100 отсто на Туркије. Во октомври 2021 година, ТОГГ објави дека сите аеродинамички и аероакустични тестирања на автомобилот се завршени.