Enes Kaplan
30 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, верува дека на крајот од годината, економскиот раст на неговата земја ќе изнесува и до седум отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган говореше на приемот што по повод 29 октомври, Денот на Републиката, се одржа во Претседателската палата во Анкара.
Во таа пригода, тој истакна дека Република Турција, која го одбележува 94. роденден е дополнително зајакната во коренот од една, а издигната кон небото од друга страна".
Претседателот Ердоган се присети на основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк и неговите соборци.
Тој, исто така, потсети и на 15 јули 2016 година, кога припадниците на терористичката организација ФЕТО се обидоа да извршат државен удар во Турција.
Уште еднаш повтори дека тогаш паднале 250 херои, и дека 2.193 лица беа повредени, и укажа на придонесот на турскиот народ во одбраната на земјата.
Ердоган нагласи дека се приближуваат кон остварувањето на целите поставени за 2023 година, и дека веќе се започнати подготовките за одбележување на 100. годишнина.
Тој додаде дека работат и дека ќе работат на исполнување на ветувањата дадени на народот, кога станува збор за споменатите цели.
„Бариерите кои се поставуваат пред нас, веќе со години речиси непрекинато, со Божја помош и поддршка на народот, ќе ги отстрануваме една по една“, рече Ердоган, кој уште еднаш повтори дека Турција не е племенска заедница, туку дека со векови била пример за другите држави.
Турскиот претседател Ердоган потсети и на економскиот раст на Турција, кој во првиот квартал од оваа година изнесуваше 5,1 отсто.
„Верувам дека овој раст на крајот од годината, со Божја помош, ќе достигне и седум отсто. Тие 157-158 милијарди, коишто ги постигнавме во извозот, ќе ги постигнеме повторно, и повеќе од тоа. Девизните резерви во Централната банка едно време изнесуваа 135 милијарди долари, сега сме на околу 116-117 милијарди долари. Но повторно ќе дојдеме на 135 милијарди долари и ќе ги преминеме“, порача Ердоган.
Турскиот претседател изјави дека неговата земја, во времето кога дојшле на власт, имала долг од 23,5 милијарди долари кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Тој потсети дека овој долг е отплатен во 2013 година и дека сега ММФ бара кредит од Турција.