Kemal Zorlak
18 Декември 2022•Ажурирај: 19 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Фудбалската репрезентација на Хрватска го освои бронзениот медал на Светското фудбалско првенство што се одржува во Катар откако во натпреварот за третото место ја совлада селекцијата на Мароко со резултат 2:1. Со оваа победа Хрватска го освои својот втор бронзен медал, по оној во Франција на Светското првенство одржано во 1998 година, известува Агенција Анадолија (АА).
Хрватска поофанзивно влезе во дуелот против Мароко што се одигра на стадионот „Халифа“ во Доха, а тоа беше јасно веќе во седмата минута. Топката упатена по изведувањето на слободниот удар пред голот на Мароко стигна до Иван Перишиќ, кој со глава му асистираше на Јошко Гвардиол, кој исто така со глава успеа да ја затресе противничката мрежа за водство на Хрватска од 1:0.
Навивачите на Хрватска имаа само една минута да слават, бидејќи репрезентацијата на Мароко го изедначи резултатот веќе во 9. минута. Слободниот удар пред голот на Хрватска по лошата реакција на хрватскиот репрезентативец Мајер дојде до Ашраф Дари, кој со глава постигна гол за Мароко.
Лука Модриќ во 24. минута имаше можност да ѝ донесе водство на Хрватска, упатувајќи удар од самиот раб на шеснаестерецот пред голот на Мароко, но голманот Боно беше добро поставен и не дозволи измена на резултатот.
Мароканците имаа одлична можност во 29. минута, по центаршутот на Хакими од десната страна, но пред хрватскиот гол добро не се снајде неговиот соиграч. Нова закана пред голот на Хрватска Мароканците имаа и во 37. минута, но Ен-Несири добро не ја зафати топката.
Тогаш во 42. минута, по еден долг напад на Хрватска, Ливаја му ја додаде топката на Мислав Оршиќ, кој многу прецизно шутираше. Мароканскиот чувар на мрежата успеа да ја допре топката, но таа се стркала до стативата и заврши во мрежата за водство на Хрватска од 2:1, резултат со кој се замина на полувреме.
Оршиќ во втората минута од продолжението упати силен шут кон мароканскиот гол, но топката го погоди надворешниот дел на мрежата. Второто полувреме мина во нешто послабо темпо за разлика од првиот дел на средбата.
Хрватска во 74. минута очекуваше удар од белата точка откако Гвардиол падна во казнениот простор на Мароко, но судијата даде знак играта да продолжи. Потоа Мароканците имаа можност да го израмнат резутлатот, но хрватскиот голман Ливаковиќ извонредно го одбрани шутот на Хакими. Нешто подоцна следуваше протестот на фудбалерите на Мароко кои бараа пенал откако еден нивен играч беше соборен на работ од шеснаестерецот пред голот на Хрватска, но судијата даде знак играта да продолжи. Матео Ковачиќ во 87. минута се снајде извонредно и упати удар кон голот на мароканскиот гол, но топката заврши во голаут.
Резултатот не се смени до самиот крај на натпреварот, а Хрватска со победата од 2:1 успеа да го освои третото место на СП Катар 2022. Хрватите се враќаат дома со својот втор бронзен медал на светските првенства. Мароко исто така се враќа дома задоволен како единствена африканска репрезентација што се пласирала меѓу четирите најдобри селекции на светот.
Денес на програмата е финалниот натпревар на Светското првенство во Катар меѓу репрезентациите на Аргентина и Франција, што се игра на стадионот „Лусаил“ со почеток во 16:00 часот, со што се става крај на фудбалската еуфорија што на љубителите на фудбалот им ја донесе Светското првенство Катар 2022.