Dzihat Aliju
11 Февруари 2021•Ажурирај: 12 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Фудбалскиот клуб „Шкупи“ од Скопје, денеска го претстави новиот тренер Хасан Озер, јавува Агенција Анадолија (АА).
На денешната прес-конференција на која беше претставен новиот тренер на Фудбалскиот клуб „Шкупи“, Хазан Озер, покрај управата на клубот, присуствуваа и неговите помошници Метин Акчевре и Харун Озџан Чакмак.
Озер, кој претходно беше тренер на Фудбалскиот клуб „Челик“ од Зеница, Босна и Херцеговина, во изјавата за АА се осврна за неговите цели во ФК „Шкупи“.
Наведувајќи дека со ФК „Шкупи“ склучил договор на една и пол година, Озер рече дека на оваа функција дошол на местото на Умит Каран, кој замина во Менеменспор, екипа од турската ПТТ 1. Лига.
Озер изјави дека е добро чувството да се работи во добри клубови во Европа и во земјите од Балканот, и потсети дека претходно работел во Босна и Херцеговина и дека во регионот има многу талентирани фудбалери.
Исто така, Озер посочи дека тука се наоѓаат за да покажат колку се успешни турските тренери и додаде дека на најдобар начин ќе ја претставуваат Турција.
Озер наведе дека екипата на ФК „Шкупи“ е една од најважните екипи во оваа лига, и нагласи: „Екипа која во последно време се натпреваруваше во Купот на УЕФА. Во овој момент се наоѓа на второто место во Лигата. Со лидерот „Шкендија“ имаме 6 поени разлика.“
Нагласувајќи дека имале многу продуктивен 20-дневен камп во Анталија, Озер рече дека им претстојат 4 натпревари во Лигата, дека ќе се обидат да победат во првиот натпревар и да ја стигнат Шкендија, која е првопласирана на табелата.
- Целта е да се пласираме во групите на УЕФА
Наведувајќи дека ситуацијата во тимот е добра, Озер рече дека в недела ќе го полага првиот испит.
Новиот тренер на „Шкупи“ се осврна на трансферите со кои во клубот се донесени нови играчи.
„Разговаравме со нашиот претседател. Ги гледавме нивните натпревари. Во моментот мислам дека трансферите се многу добри. Секако, нашиот центарфор од минатата година, Дембо, веќе не е меѓу нас. Тоа беше добра продажба за клубот. Беше важен играч за клубот кој постигна 16 гола. Место него го доведовме Региналдо. Тој претходно беше најдобар стрелец во Лигата на Албанија. Тој е репрезентативец на Мозамбик. Секако, со консултации со претседателот, се обидовме да донесеме играчи кои ни се потребни. Во моментот задоволен сум од трансферите. Но, за нас е поважно перформансот што ќе го покажат на терен", изјави Озер.
Истакнувајќи дека нивната цел е да стигнат до лидерот во Лигата, Озер рече дека имаат шанси да ја освојат шампионската титула и дека тоа им е најголемата цел.
„Мојата цел е како екипа да се пласираме во групите во УЕФА. Се надевам дека ќе го постигнеме тоа. И покрај тоа што изгледа како лесна лига, всушност не е така. Се работи за лига во која се игра остро и има висок физички квалитет“, потенцираше Озер.
- „Мислам дека ќе бидеме конкурентни“
Омер Буњаку, спортскиот директор на екипата, истакна дека потпишале едно и пол годишен договор со тренерот Озер, во кој има и опција за продолжување за уште една година.
Нагласувајќи дека веруваат во тоа дека заеднички ќе постигнат добри успеси, Буњаку рече: „Веруваме дека мислењето на нашиот клуб и мислењето на тренерот ни се исти. Потполно веруваме во него. Тој ќе ја однесе екипата понапред.“
Потсети дека имале многу продуктивен 20-дневен камп во Анталија, при што рече дека одиграле многу добри подготвителни натпревари и дека се подготвени за Лигата.
Буњаку говореше и за имињата што му се придружија на тимот.
„Мислам дека ќе бидеме конкурентни. Тврдиме дека ќе стигнеме до првото место. Иако тоа е тешко. Има 6 поени разлика помеѓу нас и „Шкендија“. Но, веруваме дека ќе стигнеме до шампионската титула и затоа ќе се бориме до последен момент“, рече Буњаку.
- Хасан Озер
Хасан Озер играл за турските клубови „Газиантепспор“, „Трабзонспор“, „Алтај“, „Малатјаспор“ и „Чајкур Ризеспор“, додека како тренер работел во „Елазиспор“ и „Челик“ од Зеница, а како помошник-тренер во фудбалските клубови „Бурсаспор“ и „Кајсериспор“.