Doğa Kırmızıoğlu
24 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Лекувањето на туморот во пределот на дебелото црево на бразилската фудбалска легенда Пеле ќе продолжи дома, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло, Бразил, се наведува дека 81-годишниот поранешен фудбалер, кој беше хоспитализиран на 8 декември, е во стабилна здравствена состојба и е отпуштен.
Се нагласува дека лекувањето на туморот на дебелото црево на Пеле ќе продолжи во неговиот дом.
Бразилската ѕвезда, пак, во изјава на својот профил на социјалната мрежа Твитер рече дека сака Новата година да ја дочека дома со своето семејство.
Пеле во септември беше успешно опериран во истата болница и беше отпуштен откако му беше откриен сомнителен тумор на дебелото црево.
Во тогашното соопштение од болницата беше наведено дека хемотерапијата што му била спроведена на Пеле ќе продолжи доколку има потреба.
Пеле, исто така, во последните години многупати беше хоспитализиран поради проблеми со бубрезите и проблеми со простатата.