Zylfije Adem Jakupi
07 Декември 2021•Ажурирај: 08 Декември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Во организација со Претседателството на Косово синоќа се одржа церемонија во чест на џудистката Мајлинда Келменди и нејзиното завршување на активната натпреварувачка кариера, по која ќе работи како тренер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Историскот институт „Али Хадри“ во Приштина, каде е одржана свеченоста, покрај Мајлинда Келменди и претседателката на Косово, Вјоса Османи, беа присутни министерот за култура, млади и спорт Хајрула Чеку, претседателот на Џудо сојузот на Косово, Агрон Кука, тренерот на џудо репрезентацијата на Косово, Дритон Кука, семејството на Мајлинда Келменди, лидерите на политичките партии, амбасадори акредитирани во Косово, пратениците на Собранието на Косово и други јавни и спортски личности, соопштено е од Министерството за култура, млади и спорт на Косово.
Со пратена видеопорака дел од церемонијата беше и Маријус Визер, претседател на Меѓународната џудо федерација.
Како домаќин, претседателката на Косово, Османи, изрази благодарност на повеќекратната шампионка во џудо Мајлинда Келменди, го додели орденот „Shote Galica“ кој им се доделува на лицата кои се залагале или направиле храбри дела.
„Сонот започнат со осум години Мајлинда го исполни со освојување на секоја титула. Не прифати да носи дрес од било која друга држава, туку се бореше за боите на државата Косово“, нагласи Османи.
Министерот Чеку рече дека ова е важен настан за иднината на џудо спортот во Косово бидејќи Мајлинда Келменди презема нова одговорност, тренерска одговорност заедно со својот тренер Дритон Кука кој и донесе многу успеси во текот на годината.
Тој додаде дека Косово преку своите џудисти има постигнато исклучителни успеси на меѓународната сцена, и дека тој успех го започнала Келменди, која, како што рече, докажала дека со посветеност и работа сè е можно.
Претседателот на Џудо сојузот на Косово, Агрон Кука, истакна дека 20 години залагање, пот и повреди се крунисани со победите и успесите на Мајлинда, правејќи сите да го почитуваат Косово и косовските симболи дури и таму каде тоа не го сакаат.
Тренерот на Мајлинда, Кука, зборуваше за искуството во работата со неа, истакнувајќи дека големо било задоволството кога Мајлинда победила во Русија, Бразил и други земји кои не ја прифатиле реалноста наречена Косово.
Мајлинда Келменди рече дека одсега, по пензионирањето како активна спортистка, своето знаење и искуство ќе го пренесува на новите генерации. Таа му се заблагодари на тренерот, екипата и на својата земја.
„Големо благодарам за мојата земја, мојот народ, што ми бевте инспирација. Ми беше голема чест и привилегија да го претставувам Косово“, рече Келменди со солзи.
Таа својата спортска кариера официјално ја заврши по Олимписките игри во Токио 2020 одржани оваа година, каде беше елиминирана во првото коло.
Во кариерата освои сè што може да се освои во спортот, вклучително и олимпиското злато во Рио 2016, две светски и четири европски златни медали.