Admir Fazlagic
11 Ноември 2016•Ажурирај: 12 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на 52 боксери натпреварувачи од 12 земји и тоа: Англија, Албанија, Босна и Херцеговина, Белгија, Словенија, Србија, Романија, Црна Гора, Холандија, Хрватска, Косово и домаќинот Македонија, вечерва во Скопје започна 46. издание на меѓународниот боксерски турнир „Златен Гонг", јавува Anadolu Agency (AA).
Овој меѓународен турнир за отворен го прогласи директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, Марјан Спасовски, кој во името на Владата на Република Македонија и во негово лично име ги поздрави сите учесници и им посака успех во натпреварувањето. Тој го искажа своето задоволство што Градот Скопје и Република Македонија се домаќини на овој традиционален меѓународен боксерски турнир.
„Влогот на многумина во изминативе 46 години придонесе Златниот гонг да ја промовира и афирмира Македонија на меѓународната спортска сцена" , рече Спасовски додавајќи дека и на овој турнир Македонија ќе го потврди квалитетот на боксот и ќе го издигне на високо ниво.
Претседател на Боксерската федерација на Република Македонија Игор Златков, во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека на меѓународниот турнир во бокс „Златен Гонг" оваа година учествува рекорден број на натпреварувачи и земји.
„На овој Златен гонг имаме рекорден број на учесници, тоа се 12 европски држави, меѓу кои од далечните Англија и Холандија па до најблиските соседи како Албанија и Косово. Имаме вкупно 52 натпреварувачи меѓу кои 7 од Макеоднија", рече Златков, кој информираше дека денеска во Скопје се поставени темелите на регионалната боксерска лига во која ќе учествуваат земјите од поранешна Југославија вклучувајќи го и Косово.
„Денес ги поставивме темелите на регионалната боксерска лига. Тоа е нешто најново на просторите на поранешна Југославија, затоа што 14 претставници на овие земји седнаа на иста маса и без разлика на сите политички и географски проблеми се договоривме да формираме една регионална лига на клубови од сите држави. Тие ќе бидат под покровителство на еден спонзор ќе бидат под правилата на Меѓународнат боксерска асоцијација (IBA)", потенцираше Златков додавајќи дека се очекува од Управниот одбор на Регионалната боксерска лига да очучи дали Албанија и Бугарија ќе бидат дел од оваа регионална лига.
Утре од 11 часот во спортскиот центар „Борис Трајковски" во Скопје ќе започнат финалните борби во рамките турнирот „Златен Гонг" .
Органзатор на меѓународниот боксерски турнир „Златен Гонг" е Боксерската федерација на Македонија, а покровител на турнирот е Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.