Zylfije Adem Jakupi
14 Март 2023•Ажурирај: 15 Март 2023
ПРИШТИНА (АА) - Косовската боксерка Доњета Садику нема да учествува на Светското првенство во бокс во Њу Делхи, Индија, поради забраната за истакнување на државните симболи на Косово од страна на организаторот, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Косовскиот олимписки комитет, и покрај фактот дека Министерството за надворешни работи на Индија во понеделникот даде „зелено светло“ за добивање виза за косовскиот тим, неколку часа подоцна Боксерскиот сојуз на Косово е условен од страна на организаторот.
„Организаторот на шампионатот ни соопшти дека учеството на нашата боксерка може да се оствари само под два услови: знамето и химната на Косово нема да бидат користени ниту во една од свеченостите во текот на Светското првенство, а учесниците од Косово нема да смеат да го носат своето знаме, дури ни на свечената облека во печатена форма“, информираше Косовскиот олимписки комитет.
Косовскиот тим одлучи поради условувањата и „дискриминацијата од страна на индиската држава“ воопшто да не патува во Индија.
Косовскиот олимписки комитет соопшти дека ова е третпат на боксерката Доњета Садику да ѝ е ускратено учеството на едно првенство и истовремено можноста да освои уште еден светски медал.
Индија не ја призна независноста на Косово.
Доњета Садику во текот на 2022 година освои бронзени медали на Светското и Европското првенство, носејќи му на Косово медали од ова ниво по повеќе од 30 години.
Светското првенство во бокс се одржува од 14 до 26 март 2023 година во Њу Делхи, Индија.