Can Hasasu
20 Јануари 2023•Ажурирај: 21 Јануари 2023
ХЈУСТОН (AA)
- Џан ХАСАСУ
Алперен Шенѓун, кошаркарскиот репрезентативец на Туркије кој настапува за тимот на Хјустон Рокетс во американската Национална кошаркарска лига (НБА), изјави дека сака да биде избран за олстар во НБА и да ја почувствува радоста на шампионската титула.
Алперен Шенѓун, кој постојано е во агендата на спортската јавност со својот настап и рекордите што ги собори неодамна, одговараше на прашањата на Агенција Анадолија на отворањето на новата зграда на Турскиот генерален конзулат во Хјустон, Тексас.
Изјавувајќи дека сака да биде еден од најдобрите играчи во НБА, 20-годишниот турски репрезентативец рече: „Планот за мојата кариера е да бидам избран во олстар-тимот и да станам шампион во НБА. Се надевам дека долги години ќе останам во Хјустон. Мислам дека тука има рекорди што можам да ги соборам и шампионати што можам да ги освојам.“
Изјавувајќи дека со своите настапи во Хјустон ги претставува своето семејство и својата земја, Алперен истакна: „Секогаш се трудам да дадам сѐ од себе за тимот и за себе. Морам да го дадам најдоброто од себе. Рекордите се добар момент за мене. Ќе ги соборам рекордите што можам да ги урнам. Среќен сум.“
- „Навистина ми значи тоа што ме поддржуваат од Туркије“
Истакнувајќи дека е многу среќен за поддршката што му е дадена, Алперен Шенѓун продолжи со зборовите:
„Ги гледам коментарите и пораките. Нашата младина и постарите ми праќаат пораки. Многу сум задоволен од ваквата ситуација. Навистина ми значи што ме поддржуваат од Туркије. Ќе продолжам да бидам пример за младите. Се надевам дека ќе зборуваат за мене во иднина, како што јас зборувам за Хидајет и за Мехмет. Се надевам дека ќе им оставам добар спомен.“
На прашањето што мисли за зборовите на спортскиот коментатор Ридван Дилмен во врска со него, Алперен Шенѓун го рече следното: „Многу му благодарам за коментарите и за тоа што убаво зборуваше во врска со мене. Вакви работи постојано се случуваат, тој коментар имаше голем одек, беше настан. Многу сум благодарен.“
- Последователни НБА рекорди на Алперен Шенѓун
Турскиот кошаркар стана најмладиот центар во историјата на НБА кој постигнал трипл-дабл со 10 поени, 10 скока и 10 асистенции на натпреварот против Сакраменто Кингс што го одигра на 12 јануари. Истовремено Алперен е запишан и како најмладиот играч кој го постигнал тоа во историјата на Рокетс.
Пет дена по овој рекорд, Алперен настапи против Лос Анџелес Лејкерс. На овој натпревар тој го собори својот личен рекорд постигнувајќи 33 поени, 15 скока, 6 асистенции и 4 блокади и по вторпат се запиша во историјата на НБА.
Алперен Шенѓун со овој перформанс го надмина легендарниот Шекил О'Нил и стана најмладиот центар во историјата на НБА кој постигнал 30+ поени, 10+ скока и 5+ асистенции на еден натпревар.