Ekipa
11 Декември 2022•Ажурирај: 13 Декември 2022
ЛОНДОН (АА) - Џамијата во Стокхолм го осуди последниот напад врз нејзиниот објект, откако оштетена копија од Куранот беше оставена врзана со синџири да виси пред влезот на џамијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
На фотографиите објавени од Централната џамија во Стокхолм од нападот што се случи во петокот се гледа оштетената Света книга на муслиманите врзана со синџири и обесена на железната ограда пред џамијата.
Од џамијата рекоа дека често доживуваат слични закани.
„Врзувањето на оштетениот Куран и закачувањето на оградата од градината веднаш до вратата на џамијата е понижувачко за муслиманите“, напишаа од џамијата на Фејсбук.
„Нашата џамија и нашата заедница добиваат закани многу често. Расистите секогаш прават нов обид да ги понижат оние кои не се како нив“, се вели во објавата.
Се додава дека џамијата одлучила да ги сподели фотографиите и информациите „за да се привлече вниманието и на нашата заедница и на јавноста и да спречи нормализирање на делата од омраза“.
Но, нападот не е изолиран бидејќи џамијата и во минатото била цел на исламофобични напади, вклучително и на цртање на антиисламски графити и натписи на нејзината врата.
Куранот веќе некое време се напаѓа во Шведска. Шведскиот и данскиот државјанин Расмус Палудан, кој ја предводи екстремно десничарската данска антимигрантска партија, редовно организира тури на палење на Куранот низ двете скандинавски земји и покрај протестите што предизвикаа немири.
Имамот и директор на Централната џамија во Стокхолм, Махмуд Калфи, за Агенција Анадолија изјави дека бил „лично сведок на палењето на Куранот овде во Стокхолм“ минатиот декември, и дека се сеќава колку било болно.
„Куранот е свет во исламот; тоа е словото Божјо. Затоа, палењето на Куранот е енормно болно за нас муслиманите“, рече тој.