Amir Latif Arain
24 Октомври 2024•Ажурирај: 24 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол денес изјави дека неговата земја може да ја разгледа можноста за испраќање оружје во Украина, „во зависност од степенот на воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја“, објави сеулски „Јонхап њуз“, пренесува Анадолу.
Ветувајќи дека Сеул нема да седи со скрстени раце во одговор на наводното распоредување трупи на Пјонгјанг во Русија, Јун рече:
„Доколку Северна Кореја испрати специјални сили во војната во Украина, ќе ѝ пружиме поддршка на Украина чекор по чекор и ќе размислиме за преземање неопходни мерки за безбедност на Корејскиот Полуостров“.
Јун го изјави ова на заедничката прес-конференција по самитот со полскиот претседател Анджеј Дуда во Сеул.
Двајцата лидери „остро“ го осудија наводното распоредување војска на Северна Кореја во Русија и се согласија да ги зајакнат заедничките одговори на растечките безбедносни закани.
Јужнокорејската разузнавачка агенција и Белата куќа вчера потврдија дека околу 3.000 севернокорејски војници се испратени на обука во источна Русија, со потенцијал за дополнително распоредување во тековната војна во Украина.
Русија ги нарече тврдењата на Сеул „лажни“ и „претерани“.
„Се придржувавме до принципот да не се доставува директно смртоносно оружје, но можеме да го разгледаме ова пофлексибилно во зависност од воените активности на Северна Кореја“, додаде Јун.