Ekipa
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави (САД) денес истрелаа осум ракети во Јапонското Море како одговор на лансирањето на ракети од страна на Северна Кореја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лансирањето на ракетите рано наутро „ја демонстрира способноста и ставот да се извршат непосредни прецизни напади“, соопшти новинската агенција Јонхап цитирајќи ги Заедничките Генералштаби.
Вчера, Северна Кореја лансираше најмалку осум балистички ракети со краток дострел во Јапонското Море, трето ракетно тестирање од инаугурацијата на новиот претседател на Јужна Кореја Јун-Сеок-јеол, минатиот месец и 18-то од почетокот на 2022 година.
Последното лансирање на ракети доаѓа два дена по заедничка воена вежба на Јужна Кореја и САД во меѓународните води кај Окинава, со мобилизирање на „УСС Роналд Реган“, носачот на авиони на нуклеарен погон, очигледно за да испратат силна порака против континуираните ракетни тестирања на Северна Кореја.
Од минатата година, тензиите се зголемија на Корејскиот Полуостров, и северот и југот се вклучија во чести воени вежби како демонстрација на моќ.