Büşra Nur Bilgiç
11 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
ЛОНДОН (АА) - Речиси 3,6 милиони жители на Европската Унија (ЕУ) кои живеат и работат во Велика Британија се загрижени поради губење на нивните права што моментално ги поседуваат, откако земјата ќе ја напушти ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Но бројката на граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија не е точна“, изјави Маике Бон, коосновачот на невладина организација „the3million“, која работи на полето на одбрана на правата на европските граѓани што живеат и работат во Велика Британија.
„Ова се заснова на статистиката за миграција, податоците на Канцеларијата за национална статистика. Но, овие податоци се многу неточни. Тие не го вклучуваат руралното население и децата под 16 години. Луѓето сметаат дека може да биде двојно од проценетото“, изјави коосновачката на организацијата Маике Бон за AA.
„Официјалните претставници проценуваат дека има 3,6 милиони граѓани и околу 1,4 милиони членови на семејства од земји кои не се членки на ЕУ. Во тој случај бројката достигнува 5 милиони луѓе што би можеле да бидат погодени од Брегзит“, додаде таа.
Граѓаните на ЕУ мора да аплицираат до Кабинетот за внатрешни работи на Велика Британија за „решен статус“, за да можат да останат во земјата по Брегзит.
„Значи, има многу работи што Британската влада може да стори за да ги пронајде сите, но тие не прават доволно, не вложуваат доволно пари во кампањата за теренски активности и крајниот рок е краток“, рече Бон.
„Семејствата би можеле да се разделат ако не сфатат дека треба да аплицираат“, додаде таа.
Исто така, има 1,5 милиони граѓани на Велика Британија кои живеат во земјите на ЕУ и тие не се задоволни од ситуацијата“, рече Бон.
„Нивната сопствена влада не се грижи за нив. Мислам дека идејата е, вие си заминавте, вие сте сами на себе. Тие губат онолку колку што ние губиме“, додаде таа.
Според сегашниот режим, граѓанин на ЕУ, кој е подготвен да работи и да живее во Велика Британија, може да дојде во земјата со авионски или билет за воз и да ги користи здравството, образованието и социјалните услуги. Ова важи и за британските граѓани кои живеат во ЕУ.
Но, по напуштањето на Велика Британија од ЕУ, таа можност завршува и се очекува Велика Британија да донесе систем за имиграција со бодување, како Австралија. Така, луѓето ќе бидат оценувани според нивните јазични вештини и искуството во професиите, и потоа ќе бидат прифатени како имигранти.
Граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија мора да аплицираат за „решен статус“ до 31 декември 2020 година, со своите пасоши и информации за идентитет.
Граѓанин на ЕУ мора да живее во земјата пет години до истекот на 2020 година за да има право да аплицира.
Оние кои сè уште не го завршиле петгодишниот мандат, ќе добијат дозвола за привремен престој, сè додека не заврши овој рок.
Потребни се три услови за давање дозвола за престој на граѓаните на ЕУ, вклучително и тоа дека треба претходно да живееле во Велика Британија, да го докажале нивниот идентитет и да не биле осудувани.
Во случај на Брегзит без договор, слободата на движење што им овозможува на граѓаните на ЕУ да живеат и да работат слободно во Велика Британија ќе заврши на 31 октомври.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 октомври, освен ако официјалните лица од обете страни не успеат да постигнат договор следната недела и ЕУ не го продолжи рокот на евентуално барање од Владата на Велика Британија.