Aşkın Kıyağan
28 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
ВИЕНА (АА) - Околу 50.000 вработени во железничкиот сообраќај во Австрија започнаа еднодневен предупредувачки штрајк низ земјата со образложение дека не добиле зголемување на платите на нивото што го посакувале според колективниот договор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Додека продолжуваат разговорите за колективен договор чија цел е да се утврдат платите во многу сектори во земјата поради зголемените трошоци за живот предизвикани од руско-украинската војна, железничарите и работодавците вчера не постигнаа договор, што резултираше со еднодневен штрајк.
Во рамки на еднодневниот штрајк што започна синоќа, националниот, регионалниот и меѓународниот сообраќај на возови е во прекин низ Австрија.
Штрајкот сериозно беше почувствуван на Централната железничка станица и на железничката станица Вестбанхоф во главниот град Виена, а оние кои особено настрадаа поради штрајкот се странските туристи кои дојдоа во земјата.
Синдикатот ВИДА, кој ги застапува работниците, бара зголемување од 400 евра месечно на платите на вработените, а Австриската стопанска комора, која учествува во преговорите во име на работодавачите, смета дека ова зголемување е високо и не се согласува на компромис на својот предлог што го изнела уште на почетокот од преговорите за зголемување од 200 евра и еднократната премија од 1.000 евра.
Претставниците на Синдикатот ВИДА соопштија дека штрајкуваат бидејќи предлогот на работодавачите е недоволен што се однесува до инфлацијата која во земјата достигнува и до 11 проценти.
Од друга страна, претставниците на Стопанската комора истакнаа дека Синдикатот има направено нереално барање, дека би било разбирливо доколку штрајкот се ограничи на неколку часа, но дека 24 часа е многу долго време и затоа овој штрајк го опишуваат како „неодговорен“.
Во меѓувреме, се очекува и различни сектори во земјата да донесат одлуки за штрајк.