Ekip
25 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Откако се закани дека ќе стави вето на Договорот за Брегзит и ќе го бојкотира денешниот Самит на ЕУ, шпанскиот премиер Педро Санчез вчеравечер истакна дека ќе го поддржи Договорот за Брегзит, јавува Anadolu Agency (AA).
Санчез бараше јасност на Договорот за повлекување на Велика Британија во врска со иднината на Гибралтар, но објави дека за тоа прашање постигнал договор со ЕУ и со Велика Британија.
„Штом Велика Британија ја напушти ЕУ, политичките, правните, дури и географските односи меѓу Гибралтар и ЕУ ќе се одвиваат преку Шпанија“, изјави Санчез во својот говор, кој се пренесуваше телевизиски.
По „тешки, но плодоносни преговори“, кои за разјаснување на иднината на Гибралтар по Брегзит се водеа во текот на изминатата недела, Санчез рече дека е задоволен што добил изјаснување од Европската комисија и од Европскиот совет, како и писмена потврда од Владата на Велика Британија дека иднината на британската територија на крајниот јужен дел на Шпанија ќе стане билатерално прашање.
Во Гибралтар живеат околу 30.000 жители. Беше отстапен на Велика Британија од страна на Шпанија, според Договорот од Утрехт од 1713 година, но шпанските барања за права врз подрачјето продолжија.
Шпанија наметна блокада врз подрачјето од 1968 до 1985 година - една година пред да пристапи во ЕУ - прекинувајќи го пристапот до копнената граница и комуникациите за населението на Гибралтар.
„Ние презедовме одлучувачки чекор кон решавање на спорот, кој меѓу Велика Британија и Шпанија траеше над 300 години“, рече Санчез, нарекувајќи го Гибралтар територија што допрва треба да се деколонизира.
Огромно мнозинство од жителите кои живеат во Гибралтар се сметаат за Британци. На референдумот во 2002 година за тоа дали Шпанија и Велика Британија треба да го поделат суверенитетот над територијата, 98,5 отсто од жителите гласале да остане под британска власт.
„Ниту една декларација договорена од преостанатите 27 земји членки на ЕУ или од европските институции, ќе може некогаш да го промени непроменливиот британски суверенитет или пак безбедноста на Гибралтар“, на Твитер како одговор на говорот на Санчез, објави Фабиан Пикардо, главниот министер за Гибралтар.