İlayda Çakırtekin
28 Април 2025•Ажурирај: 29 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Шпанскиот национален енергетски снабдувач денес соопшти дека тековниот прекин на електричната енергија низ Шпанија и Португалија би можело да трае од шест до 10 часа, според локалните медиуми, јавува Анадолу.
Едуардо Прието, директор за услуги на шпанскиот енергетски снабдувач Ред Електрика, истакна дека прекинот е „исклучителен и целосно вонреден“ и дека ќе бидат потребни од шест до 10 часа за негово санирање, според „Ел Паис“.
Од Ред Електрика, исто така, истакнаа дека електричната енергија почнала да се враќа на север и југ на полуостровот и дека тековниот прекин на електрична енергија, чија причина и понатаму е непозната, сѐ уште претставува проблем за транспортот во многу области.
Денес околу пладне дојде до прекин на електричната енергија низ Португалија, Шпанија и Андора, како и во делови од Франција.
Властите ги истражуваат причините за прекинот. Шпанскиот национален институт за кибербезбедност, исто така, истражува дали прекинот може да е предизвикан од кибернапад.
Шпанската Влада свика итен состанок во шпанскиот национален енергетски снабдувач Ред Електрика. Ќе присуствуваат шпанскиот премиер Педро Санчез и неколку министри.
Мадридските власти, исто така, свикаа итен состанок за координирање на активностите за справување со прекинот на електрична енергија.