Ayhan Şimşek
04 Ноември 2018•Ажурирај: 05 Ноември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, повика на продолжување на истрагата за неонацистичката терористичка група НСУ, која уби девет имигранти во периодот помеѓу 2000 и 2007 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Срам за нас е тоа што десничарските екстремисти можеа да продолжат со нивните убиства толку долго“, напиша Хеико Мас на Твитер денес, на седмата годишнина од откривањето на убијците на 4 ноември 2011 година.
Политичарот од социјалдемократите ги призна грешките од страна на полицијата и разузнавачките служби, кои во неколку наврати ги отфрлија расистичките мотиви зад убиствата, а наместо тоа, ги третираа семејствата на имигрантите како осомничени.
„Истрагата за овој случај мора да продолжи. Останува нашата должност да се спротивставиме на екстремно десничарската омраза во секое време и на секое место“, истакна тој.
Националсоцијалистичкото подземје (НСУ) уби осуммина турски имигранти, еден грчки државјанин и германски полицаец во периодот помеѓу 2000 и 2007 година, но убиствата долго време не беа решени.
Германската јавност за првпат за постоењето на групата и за нејзината улога во убиствата во 2011 година дозна кога двајцата нејзини членови, Уве Мундолс и Уве Бонхарт, починаа по неуспешен грабеж на банка.
Единствената преживеана членка на групата, Беате Чепе, беше осудена на доживотна казна затвор во јули, но семејствата на жртвите изразија разочарување од пресудата и рекоа дека петгодишниот судски процес оставил неодговорени многу клучни прашања.
Адвокатите кои ги претставуваа семејствата го оспорија тврдењето дека НСУ била само „изолирана ќелија“ на тројца крајно десничарски екстремисти, и побараа подлабока истрага за нејзината можна поврзаност со поширока мрежа на крајно десничарски екстремисти во Германија.
Од крајот на 1990-тите години, Германската разузнавачка агенција (BfV), регрутирала различни информатори од екстремните десничари за кои се верува дека имале контакти со трите лица.
Официјалните претставници тврдеа дека немале претходни информации за постоењето на терористичката ќелија на НСУ и нејзината улога во убиствата.
Меѓутоа, одлуката на германската сојузна покраина Хесе да чува во тајност одредени документи, предизвика понатамошни шпекулации за можната поврзаност со НСУ.