свет

Шефовите на одбраната на САД и Израел разговараа за можна израелска копнена инвазија на градот Рафа

„Остин ја потврди посветеноста на САД за безусловно враќање на сите заложници и важноста од зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа, осигурувајќи ја безбедноста на цивилите и хуманитарните работници“, рече генерал-мајор Пат Рајдер

Diyar Güldoğan  | 02.05.2024 - Обновена : 03.05.2024
Шефовите на одбраната на САД и Израел разговараа за можна израелска копнена инвазија на градот Рафа

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот израелски колега Јоав Галант разговараа за можна израелска копнена инвазија врз градот Рафа во јужниот дел на Газа, соопшти Пентагон, јавува Анадолу.

Во телефонскиот разговор Остин и Галант, исто така, размениле мислења за тековните преговори за заложниците и напорите за хуманитарна помош, рече секретарот за печат, генерал-мајор Пат Рајдер во соопштението.

Остин ја потврди посветеноста на САД за безусловно враќање на сите заложници и ја пренесе важноста од зголемување на протокот на хуманитарна помош во Газа, истовремено обезбедувајќи ја безбедноста на цивилите и хуманитарните работници, рече Рајдер.

„Секретарот, исто така, ја истакна потребата за секоја потенцијална израелска воена операција во Рафа да вклучи веродостоен план за евакуација на палестинските цивили и одржување на протокот на хуманитарна помош“, додаде тој.

Телефонскиот повик дојде откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот вети дека ќе го нападне Рафа - дом на повеќе од 1 милион Палестинци кои бараа засолниште од војната меѓу Израел и Хамас - и покрај извештаите за нов предлог за прекин на огнот за кој дискутираат Хамас и Израел за ставање крај на конфликтот во Газа.

Нетанјаху рече дека израелската армија ќе влезе во Рафа за да ги уништи баталјоните на Хамас таму „со или без договор“.

Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.

Во овие израелски напади се убиени повеќе од 34.500 Палестинци, главно жени и деца, а илјадници се повредени поради масовното уништување и големиот недостиг на неопходни работи.

Според податоците на Обединетите нации (ОН), израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.

И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.