Шефицата на европската дипломатија: Одлуката на САД за ублажување на санкциите за руската нафта „опасен преседан“
„Ублажувањето на санкциите за нафта на Русија од страна на Соединетите Американски Држави го гледаме како опасен преседан бидејќи во овој момент неопходно е таа да располага со помалку средства за водење на војната“
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефицата за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Каја Калас, предупреди дека одлуката на Вашингтон за ублажување на нафтените санкции за Русија претставува „опасен преседан“, јавува Анадолу.
„Ублажувањето на санкциите за нафта на Русија од страна на Соединетите Американски Држави го гледаме како опасен преседан бидејќи во овој момент неопходно е таа да располага со помалку средства за водење на војната“, изјави Калас пред новинарите во пресрет на Советот за надворешни работи во Брисел.
Таа истакна дека фокусот на случувањата на Блискиот Исток не смее да го одвлече вниманието од Украина.
„Разговарав со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во поглед на можноста да се воспостави иницијатива слична на онаа за Црното Море, со која се овозможи извоз на жито од Украина, бидејќи затворањето на Ормускиот Теснец претставува сериозна закана за снабдувањето со нафта и енергенти“, истакна Калас.
Таа додаде дека со земјите членки ќе се разговара за можноста да се смени мандатот на поморската мисија на Унијата, „Аспидес“.
„Прашањето е дали земјите членки навистина се подготвени да ја искористат оваа мисија“, посочи Калас.
Нејзините изјави доаѓаат откако американските власти во четвртокот одобрија привремено купување руска нафта заглавена на море, во обид да се стабилизираат глобалните енергетски пазари.
Иран практично го затвори Ормускиот Теснец од 1 март, по започнувањето на заедничките напади на Израел и САД врз земјата на 28 февруари, во кои досега загинаа околу 1.300 лица, вклучително и тогашниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Оттогаш непријателствата дополнително ескалираа.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив, каде што се стационирани американски воени бази, што резултираше со човечки жртви и оштетување на цивилната инфраструктура.
Пред војната дневно околу 20 милиони барели нафта поминуваа низ теснецот. Застојот на поморскиот сообраќај предизвика покачување на цените на нафтата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
