Merve Berker
26 Ноември 2025•Ажурирај: 26 Ноември 2025
АНКАРА (АА) – Шведската климатска активистка Грета Тунберг доби 48-часовна забрана за влез во Венеција откако учествуваше во протестот во кој прочуениот Голем Канал беше обоен во светлозелена боја, објавија медиумите, пренесува Анадолу.
Протестот, организиран од групата „Бунт против истребувањето“ за време на викендот, вклучуваше истурање нетоксична боја во водите на каналот, со цел да се привлече внимание кон „масовните последици од климатскиот колапс“, пренесе „Еј-би-си њуз“.
Тунберг, 22, заедно со други активисти, постави транспарент „Стоп за екоцидот“ на мостот Ријалто и прошета низ градот облечена во костим со црвен превез.
Таа и неколку десетици учесници добија парични казни по околу 150 евра.
Слични еколошки акции викендов се одржаа и во Милано, Палермо и Болоња, каде што фонтаните и каналите, исто така, беа обоени во зелено.
Гувернерот на регионот Венето, Лука Заја, го осуди протестот како штетен.
„Вандализмот не ја штити животната средина“, напиша Заја на Инстаграм.
„Овие акти ја оштетуваат Венеција, бараат реставраторски работи и - парадоксално - генерираат загадување.“
Протестот на „Бунтот против истребувањето“ е најнов во низата деструктивни климатски акции во последниве години, вклучително и инциденти во кои супа од домати и пире од компири беа фрлени врз слики од Ван Гог и Моне, а црвена боја беше употребена и на скулптура на Дега во Вашингтон.
Минатиот месец Тунберг беше притворена и депортирана од Израел откако ѝ се придружи на флотилата што се обидуваше да достави хуманитарна помош во Газа.