Alma Çekovic
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
СТОКХОЛМ (АА) - Во Шведска, бројот на баратели на азил во 2016 година падна за 80 отсто во споредба со минатата година, кога во таа земја барања за азил поднеле 163.000 луѓе, стои во податоците на Шведскиот завод за миграција, јавува Anadolu Agency (AA).
Приливот на бегалци во Шведска се намали по воведените гранични контроли, договорот на ЕУ и Турција и со построгите закони, пишува шведскиот портал „Локал“.
Шведскиот завод за миграција соопшти дека оваа година во земјата стигнале само 5.410 сириски бегалци, во споредба со 51.338, колку што имаше во 2015. Така, до средината на декември оваа година, азил во оваа скандинавска земја побарале 28.000 луѓе.
Портпаролот на Министерството за миграција, Фредрик Бенгтсон рече дека намалувањето на бројот на баратели на азил е резултат на бројните фактори присутни во Шведска и во ЕУ.
„Имаме постигнато договор за бегалците меѓу Турција и ЕУ, како и значително намалување на можноста за барателите на азил да патуваат низ европските граници. Во Шведска ги сменивме законите, така што оваа земја веќе не се смета за оптимална дестинација. Веќе не се одобрува постојан престој и повторното обединување на семејството е многу ограничено“, рече Бенгтсон.
Најзначајниот пад е забележан кај малолетните баратели на азил кои доаѓаат во Шведска без придружба. Оваа година, околу 2.100 непридружувани малолетни лица побарале азил во Шведска, во споредба со 35.369 минатата година.
Бенгтссон одби да коментира за тоа каква ќе биде ситуацијата следната година ова време, но истакна дека тоа ќе зависи од развојот на настаните во шведското законодавство, но уште повеќе од одлуките донесени надвор од земјата.