Чешката Влада размислува за забрана на социјалните мрежи за деца под 15 години
„Дефинитивно нема да го одолговлекуваме ова и би сакале да предложиме забрана уште оваа година. Нема време за губење. Социјалните мрежи ги уништуваат животите на децата; тоа почнува да станува чума“
ЛОНДОН (АА) - Чешката Влада размислува за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 15 години, поради растечката загриженост за влијанието на онлајн платформите врз младите луѓе, јавува Анадолу.
Премиерот Андреј Бабиш изјави дека неговата влада сериозно размислува за таков потег, следејќи го примерот на Франција, објавија локалните медиуми.
Бабиш посочи дека е потребна итна акција за заштита на децата. „Јас сум за забрана, бидејќи експертите што ги познавам велат дека е исклучително штетно. Мора да направиме нешто за да ги заштитиме нашите деца“, истакна тој.
Вицепремиерот Карел Хавличек рече дека Владата веќе започнала консултации со експерти и телекомуникациски оператори за тоа како би можела да се спроведе потенцијалната забрана.
Додаде дека легислативата би можела да биде предложена подоцна оваа година.
„Дефинитивно нема да го одолговлекуваме ова и би сакале да предложиме забрана уште оваа година. Нема време за губење. Социјалните мрежи ги уништуваат животите на децата; тоа почнува да станува чума“, истакна Хавличек за време на дебата на „Си-ен-ен прима њуз“.
Дебатата во Чешка доаѓа во време кога неколку други земји презедоа чекори за ограничување на пристапот на децата до платформите на социјалните медиуми.
Австралија го забрани пристапот до социјалните мрежи за деца под 16 години изминатиот декември, додека Франција минатиот месец одобри закон со кој се забранува користењето на социјалните мрежи за лица под 15 години.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
