Mehmet Yılmaz,Aşkın Kıyağan
15 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
ПРАГА (АА) - Чешка е подготвена да прифати украински бегалци во случај на ескалација на тензиите меѓу Москва и Киев, порача денес премиерот на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи пред новинарите, Петр Фиала рече дека Владата не планира да ја зголеми финансиската помош за Украина, но дека е подготвена да ги прифати Украинците во случај на итност.
Истакнувајќи дека се подготвени да ѝ помогнат и на соседна Словачка, Фиала рече дека можат да испратат полициски тимови да работат на границата меѓу Словачка и Украина доколку е потребно.
Фиала рече дека чешката Амбасада во Киев не е затворена, но семејствата на дипломатите ја напуштиле поранешната советска република.
„Околу 50 чешки дипломати моментално работат во Украина“, додаде тој.
Украина е зафатена со судири во нејзините источни региони од март 2014 година по руската инвазија и анексијата на Крим.
Москва неодамна распореди повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва негираше дека се подготвува за инвазија, велејќи дека војниците се таму за вежби. Министерството за одбрана денес соопшти дека некои од војниците се враќаат во своите бази бидејќи мисиите за воена обука привршуваат. Но, руско-белоруската воена вежба од големи размери ќе трае до 20 февруари.
Спротивно на тоа, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека не виделе никаква деескалација на терен.
Западот предупреди на неизбежен напад и ѝ се закани на Русија со тешки последици.
Се вели дека американското разузнавање проценило дека нападот може да резултира со смрт на 50.000 цивили и до 5 милиони украински бегалци.