Associated Press
22 Декември 2024•Ажурирај: 23 Декември 2024
МАГДЕБУРГ (АА) - Полицијата во германскиот град Магдебург соопшти дека четири жени и едно момче биле убиени во нападот на божиќниот базар извршен во петокот вечерта, известува Анадолу.
Жртвите се жени на возраст од 45 до 75 години и деветгодишно момче.
Германските власти соопштија дека се повредени 200 лица, од кои 41 се во тешка состојба.
Повредените лица се хоспитализирани во неколку болници во Магдебург, кој се наоѓа на околу 130 километри западно од Берлин.
Властите го идентификуваа осомничениот за нападот во Магдебург како саудиски лекар кој пристигнал во Германија во 2006 година и добил постојан престој.
Осомничениот бил изведен пред судија во саботата навечер и зад затворени врати му е одреден притвор до евентуално обвинение.
Полицијата јавно не го именуваше осомничениот, но неколку германски медиуми го идентификуваа како Талиб А., без да го наведат неговото целосно презиме во согласност со законите за приватност.
Медиумите објавија дека е напаѓачот специјалист по психијатрија и психотерапија.
Напаѓачот на социјалните мрежи сподели објави во кои порачува дека е „загрижен поради подемот на исламот во Германија“.
Тој, исто така, ги обвини германските власти дека не направиле доволно во борбата против она што тој го нарече „исламизација на Европа“.
Ужасот предизвикан од чинот на масовно насилство во Германија создава основа миграцијата веројатно да остане клучно прашање во време кога Германија оди кон предвремени избори закажани за 23-ти февруари.
Жителите на германскиот град Магдебург се собраа во саботата навечер за да им оддадат почит на жртвите од смртоносниот напад на божиќниот базар.