Behlül Çetinkaya,Zuhal Demirci,Muhammet Tarhan,Nazlı Yüzbaşıoğlu
29 Декември 2020•Ажурирај: 30 Декември 2020
СОЧИ/АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, се осврна на одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за спроведување санкции кон Турција, и рече дека овие санкции се напад врз нивните права за сувереност и дека секој знае оти нема да направат чекор назад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одржа заедничка прес-конференција со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, по церемонијата за потпишување на планот за консултации 2021-2022, одржана во Русија, каде што турскиот министер престојува за да учествува на 8. Состанок на групата за стратешки планирања помеѓу Турција и Русија.
Шефот на турската дипломатија одговори на новинарското прашање во врска со одлуката на САД за спроведување санкции кон Турција, што беше донесена во рамки на Законот за спротивставување на американските противници преку санкции (CAATSA).
„Ние како Турција сме против санкции, без разлика на тоа кон кого се наменети. Во минатото, Европската Унија (ЕУ) имаше одлуки за спроведување санкции кон Русија. Како преговарач, од нас беше побарано да се согласиме со овие одлуки, но ние отворено истакнавме дека ние никако не се согласуваме со тоа и дека сметаме оти овие санкции не се праведни“, рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека проблемите не може да се решаваат со санкции, и дека одлуката на САД за санкции е погрешна одлука и од правен и од политички аспект.
„Овие санкции се напад врз нашите права за сувереност. Секој знае дека нема да направиме чекор назад“, додаде тој.
Според него, поради тоа што договорот за воздушно-одбранбените системи „С-400“, постигнат помеѓу Турција и Русија, е потпишан пред донесувањето на Законот за спротивставување на американските противници преку санкции (CAATSA), одлуката за санкции е погрешна од правен аспект.
Чавушоглу рече дека со Турција вложиле голем напор за постигнување постојано примирје во Либија и дека овие напори имаат голем придонес во оваа насока.
Тој истакна дека Турција верува оти политичкото решение е единственото решение во Либија, но дека пучистот Калифа Хафтар изразува спротивно верување.
Според него, моментално продолжува политичкиот процес, а Турција ќе продолжи со поддржување на овој процес.
Турскиот министер потсети дека Турција има потпишано договори и со легитимната Влада на Либија, како и со претходните влади на оваа земја, додавајќи дека присуството на Турција во Либија е легитимно во рамки на овие договори.