Erdoğan Çağatay Zontur
07 Август 2020•Ажурирај: 09 Август 2020
АНКАРА
Министерот за надворешни работи на Република Турција Мевлут Чавушоглу изјави дека Египет и Грција со потпишувањето на поморската спогодба за ексклузивни економски зони (ЕЕЗ) во Источниот Медитеран ги прекрши правата и континенталните појаси на Турција и Либија.
Чавушоглу во ексклузивно интервју за Агенција Анадолија (АА) рече дека текстот и мапата на договорот допрва треба да бидат соопштени.
Тој појасни дека според дадените координати, јасно е дека договорот не само да ги крши правата и континенталниот појас на Турција, туку и на Либија.
„Договорот кој го крши нашиот континентален појас, а кој ние го пријавивме во ОН, е ништовен, а причината поради која дојдовме до оваа точка е дека земјите како Грција и грчката администрација на Кипар се обидуваат да потпишат спогодби со Египет и Израел игнорирајќи ја Турција", рече Чавушоглу.
Шефот на турската дипломатија додаде дека ќе продолжи на нив и на светот да укажува дека овој договор е ништовен како на маса, така и на терен.
Египет соопшти дека потпишал билатерален договор со Грција за ограничување на поморските јурисдикции помеѓу двете земји во Источниот Медитеран.
Министерството за надворешни работи на Турција го критикуваше таканаречениот договор преку соопштение, додавајќи дека Грција и Египет немаат заеднички поморски граници и дека спомнатиот договор е ништовен за Анкара.
Во соопштението се наведува дека демаркациската зона во договорот е лоцирана на турскиот континентален појас, за кој Анкара ги известила Обединетите нации (ОН).