Ekip
11 Септември 2016•Ажурирај: 12 Септември 2016
АТИНА (АА) - Грција во рок од две години ќе ја напушти програмата за помош, изјави премиерот на земјата, Алексис Ципрас, јавува Anadolu Agency (AA).
Додека илјадници Грци на улиците низ градовите во изминатите неколку дена протестираа против владините мерки за штедење, Ципрас на отворањето на годишниот саем во Солун порача дека земјата преку пет чекори ќе излезе од програмата за финансиска помош.
Според грчкиот премиер, „Грција ќе излезе од програмата за помош што ќе ѝ овозможи стабилен и одржлив раст”.
Во согласност со најновите договори на Грција со кредиторите од коишто зависи, грчката економија мора да забележи раст до 2017 година.
Говорејќи за рецесијата којашто во изминатите пет години ја разорува Грција, Ципрас тврди дека таа предизвикала зголемување на невработеноста за 28 и пораст стапката на сиромаштија за 38 проценти.
„Сега, повеќе од било кога, потребно е да се проектира и испланира Грција која зад себе ќе остави катастрофални грешки од минатото”, нагласи грчкиот премиер.
Европските кредитори минатата недела ја предупредија Грција да го забрза спроведувањето на ветените мерки за да ѝ бидат одобрени средства за помош во износ од 2,8 милијарди евра.
Во рамките на минатогодишната програма за помош во висина од 86 милијарди евра, Грција презеде обврска дека ќе спроведе низа реформи, вклучувајќи ги и промените на пензискиот систем и пазарот на трудот, со цел да добие пари за избегнување на банкрот.
Новата рата од помошта Атина треба да ја добие по низата мерки, вклучувајќи ја и приватизацијата, реформата на енергетскиот сектор, управување со банките и основање на Агенција за приходи. Грција засега исполни два од вкупно 15 услови.