Tayfun Salcı
02 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Шефот на британската дипломатија Филип Хамонд ги посети сириските бегалци во јорданскиот камп „Затар” и во таа пригода ја обвини Русија дека со воздушните напади во Сирија дополнително ја зајакнува позицијата на терористичката организација на ДАЕШ на теренот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Русите постојано говорат дека сакаат да преговараат, но само зборуваат. Проблемот со Русите е тоа што и додека зборуваат, продолжуваат со воздушните интервенции и поддршка на режимот на претседателот Башар ал-Асад”, рече Хамонд и додаде дека руските воздушни напади го стопираа и започнатиот процес на враќање на сириските бегалци од јорданските кампови.
Изразувајќи голема загриженост од фактот дека зад сите лоши тенденции во Сирија стојат „руските прсти”, Хамонд рече дека руските интервенции го отежнуваат и меѓународниот процес на решавање на сириската криза.
„Русија вели дека сака да го уништи ДАЕШ, но не ги бомбардира позициите на таа организација. Русите ја бомбардираат умерената опозиција. Помалку од 30 отсто од руските напади за мета го имаат ДАЕШ и тоа само го зајакнува ДАЕШ на теренот. Русите остваруваат спротивни резултати од оние за кои декларативно се заложуваат”, рече Хамонд.
Шефот на британската дипломатија рече дека со години ја следи работата на рускиот претседател Владимир Путин, кој ја води и надворешната и одбранбената политика на земјата, но дека во изминативе години сфатил само тоа дека ништо не може да се сфати, без оглед на вложениот труд.
„Невозможно е да се сфати таа политика. Ние не знаеме кој е планот на игра на Кремљ. Едноставно не знаеме. Не постои никаков Совет кој ја разгледува политиката, туку сè е вткаено во главата на Путин”, тврди Хамонд.
На барањето на новинарите да ја коментира иранската позиција во процесот на решавање на сириската криза, Хамонд рече дека таа не се разликува од руската улога и дека тие две земји соработуваат за задржување на сирискиот режим.