Ikrame Imane Kouachi
03 Мај 2024•Ажурирај: 04 Мај 2024
ГАЗА (АА) - Палестинското движење на отпорот Хамас денес ги пофали одлуките на Туркије да ја прекине трговијата со Израел, сметајќи го тоа за „победа на палестинскиот народ“, јавува Анадолу.
„Ние високо ги цениме одлуките што неодамна ги донесе Република Туркије како победа на нашиот палестински народ кој е подложен на ужасен геноцид“, се вели во соопштението на Хамас.
„Движењето го поздрави и прекинот на комерцијалната трговија со Израел и одлуката на Туркије да се приклучи на тужбата поднесена од Јужноафриканската Република против Тел Авив пред Меѓународниот суд на правдата (МСП).
Во втората фаза од рестриктивните мерки, Туркије ги прекина сите извозни и увозни операции со Израел поради нејзината „агресија врз Палестина со кршење на меѓународното право и човековите права“, објави турското Министерство за трговија доцна синоќа.
Туркије строго и решително ќе ги спроведе овие нови мерки сѐ додека израелската Влада не дозволи непрекинат и доволен проток на хуманитарна помош во Газа, се истакнува во соопштението.
Шефот на Комитетот за правда на турскиот Парламент, Џунејт Јуксел, рече дека Туркије официјално ќе поднесе барање да биде дел од случајот на Јужноафриканската Република против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) за геноцид.
Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Газа од упадот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Тел Авив, за споредба, уби речиси 34.600 Палестинци и рани над 77.800 во масовно уништување и недостаток на неопходни услови во палестинската територија.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.