Alaattin Doğru
05 Октомври 2021•Ажурирај: 06 Октомври 2021
ПАРИЗ
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, посака да бидат надминати тензиите меѓу неговата земја и Алжир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за каналот „Франс интер“, Макрон, истакнувајќи дека има многу искрени односи со алжирскиот претседател Абдулмеџид Тебун, рече: „Се надевам дека ќе можеме да ја смириме ситуацијата, бидејќи верувам дека со разговорот меѓу нас ќе се воспостави напредок.“
Наведувајќи дека не може да ја оправда Франција за нејзината одговорност во алжирската историја, Емануел Макрон рече дека и покрај несогласувањата меѓу двете земји сака добар напредок во односите.
- „Условно признавање“ за талибанците
Претседателот Макрон, исто така, нагласи дека постојат некои услови за тие официјално да ја признаат талибанската влада во Авганистан.
Посочувајќи дека нема да прават компромиси за родовата еднаквост и за продолжувањето на операциите за хуманитарна помош, Макрон нагласи дека побарале од талибанците да ги осудат сите терористички групи во регионот и да не соработуваат со нив.
- Тензијата започна со ограничувањето на визите на Франција за земјите од Магреб
Тензиите меѓу двете земји започнаа кога Франција минатата недела воведе визни ограничувања за алжирските, туниските и мароканските граѓани.
Алжир, поради воведувањето на ограничување за визите за неговите граѓани, го повика францускиот амбасадор во Алжир, Франсоа Гујет, во Министерството за надворешни работи.
По зборовите на Макрон објавени во весникот „Ле монд“ во саботата, 2 октомври, дека Алжир својата колонијална историја ја изградил врз омразата кон Франција, алжирската Влада соопшти дека го затвора својот воздушен простор за француските воени авиони во неделата, 3 октомври.