Nur Asena Ertürk
01 Септември 2023•Ажурирај: 03 Септември 2023
НИЦА (АА) - Француската војска денес соопшти дека е подготвена да одговори доколку во тензиите во западноафриканската земја Нигер бидат нападнати нејзините воени и дипломатски објекти, јавува Анадолу.
„Француската Армија е подготвена да одговори на секоја тензија што би ги имала како цел француските воени и дипломатски објекти во Нигер“, истакна францускиот Генералштаб во писмената изјава за Анадолу.
Во услови на тензии што избувнаа во деновите по соборувањето на демократски избраниот претседател на Нигер, Мухамед Базум, новоформираното Министерство за надворешни работи на воената администрација минатата недела му даде на францускиот амбасадор Силвен Ите 48 часа „да ја напушти територијата на Нигер“.
Амбасадорот Ите одби и остана во земјата, потег што беше поздравен од францускиот претседател Емануел Макрон.
Воената власт на Нигер нареди протерување на францускиот амбасадор во четвртокот во писмо упатено до француското Министерство за надворешни работи.
Ите „повеќе не ги ужива привилегиите и имунитетот поврзани со неговиот статус како член на дипломатскиот персонал на Амбасадата“, соопшти воената администрација.
Нигер беше втурнат во неизвесна ситуација на 26 јули кога генералот Абдурахаман Тчиани, поранешен командант на Претседателската гарда, ја водеше воената интервенција со која беше соборен претседателот Базум.