Burak Dağ
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, вчера предупреди на сериозните последици од намерното нарушување на европската енергетска инфраструктура, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Фон дер Лајен го изјави ова откако разговараше со данската премиерка Мете Фредериксен за истекувањето гас од руските гасоводи „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во Балтичкото Море.
„Секое намерно нарушување на активната европска енергетска инфраструктура е неприфатливо и ќе доведе до најсилен можен одговор“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.
Таа, исто така, повика на истрага за истекувањето гас за да се добие целосна слика за, како што рече, „чинот на саботажа“.
Фредериксен претходно изјави дека е тешко да се замисли дека истекувањето гас е предизвикано случајно.
Данскиот министер за енергетика, Дан Јоргенсен, исто така изјави дека истекувањето на гасот не е последица на несреќа, туку резултат на експлозии.
Гасоводот „Северен тек 1“, со два паралелни крака, се протега во должина од 1.200 километри под површината на Балтичкото Море, од рускиот брег во близина на Санкт Петербург до североисточна Германија. Отворен е во 2011 година, а максималниот капацитет е 170 милиони кубни метри гас, кој се испраќа од Русија за Германија.
„Северен тек 2“ се протега паралелно со првиот гасовод, и тој е во руска сопственост. Изграден е во септември 2021 година, но не е пуштен во функција, бидејќи Германија одби да го одобри. Проектот во потполност е запрен само неколку дена пред почетокот на руската војна против Украина на 24 февруари.